За финансирање на новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ се обезбедени вкупно 450.000 евра, наменети за 15 претпријатија. Овој инструмент има за цел да го поттикне нивото на иновативност кај новооснованите претпријатија преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности на истражување и развој. Грантот се очекува да ја поттикне културата на преземање на ризик и иновација, да обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес или услуга, како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во високообразовните односно научноистражувачките установи.
За кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации е обезбеден вкупен износ од еден милион евра, наменети за 10 претпријатија. Овој инструмент, пак, има за цел да поттикне зголемување на истражувањето и развојот во приватниот сектор, да ја охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научни установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации. Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија што сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност. Јавниот повик се однесува на кофинансирање најмногу до 85 проценти од вкупниот буџет на проектот, до максимален износ од 30.000 евра.
Предлог-проектите можат да се поднесуваат до 3 мај 2017 година, во електронска форма преку системот на Фондот на следниот линк http://mis.fitr.mk.