Меѓународната научна конференција се организира по повод 1.100-годишнината од смртта на нашиот голем учител и просветител, со цел да се потврди неговото огромно значење за развојот на писменоста, литературата и културата во целиот словенски свет, но и да се компарираат придобивките и на другите народи во светот, во поглед на развојот на нивната писменост и култура.
Целта на оваа Конференција е да се обединат некогашните, но и новите проучувања на научната заедница во врска со нашите просветители кои ги поставија темелите на целокупниот културен и цивилизациски развој. Во оваа смисла, посакуваме Конференцијата да биде место за размена на идеи, ставови, а особено на резултати од современи истражувања и практики во науката и во образованието што, со гордост можеме да го кажеме тоа, своите темели ги наоѓа во Охридската книжевна школа.
На Конференцијата ќе бидат дискутирани следниве теми:
1. ЈАЗИК
- Словенските јазици денес;
- Модерни јазични проучувања: контрастивни проучувања на јазиците, интеркултурна комуникација, јазична политика, преведувачки предизвици.
2. ЛИТЕРАТУРА И КУЛТУРА
- Делото на св. Климент Охридски, културно наследство и залог за идните поколенија;
- Старата – средновековна литература во Македонија и во светот;
- Литературата како медиум за интеркултурна комуникација;
- Местото на македонската литература во современиот литературолошки контекст.
3. ОБРАЗОВАНИЕ
- Образовните процеси во Македонија и во светот денес;
- Историските процеси во развојот на училиштата по Климентовото време.
Работните јазици на Конференцијата ќе бидат македонски и англиски јазик.
Во прилог може да се најдат пријавата за учество, како и пример за статијата која заинтересираните учесници треба да ја испратат најдоцна до 5 јуни.