На отворањето на конференцијата се обратија, ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев, градоначалникот на Штип Илчо Захариев, деканот на Економски факултет проф. д-р Трајко Мицески, како и претставник на Универзитетот во Омск проф. д-р Роман Власов и претставник на Македонско-руската стопанска комора.
- Денеска имаме реализација на соработка со Универзитетот во Омск, со оваа конференција на економски теми. Ова е само почеток на соработка која ќе продолжи и понатаму. Задоволство ми е што нашиот факултет со одличниот кадар и студенти учествува и е домаќин на една ваква конференција – изјави проф. д-р Трајко Мицевски, декан на Економски факултет.
Продеканот на Економски факултет доц. д-р Љупчо Давчев вели:
- На конференцијата ќе има презентација на трудови од Универзитетот во Омск и од Економскиот факултет при УГД. Трудовите се однесуваат на перспективите на Македонија во однос на влегувањето во ЕУ, но и во однос на перспективите и комуникацијата на Македонија на меѓународно ниво, особено во областа на економијата во однос на евроазиските земји. Поконкретни теми се однесуваат претежно на меѓународната економија, на врските што ги има македонската економија со економиите на европските и на азиските земји, и особено значење се дава на комуникацијата на македонските компании со компаниите од Русија.
- Основниот мотив на организирање на оваа конференција е да се разменат знаења и информации, бидејќи станува збор за организатор кој има големо искуство, на тој начин ние ќе стекнеме можности да се етаблираме себеси на евроазискиот простор како институција од високото образование која соработува и со стопанството и со бизнис секторот и останатите институции, не само во Македонија, туку и во регионот и пошироко – вели доц. д-р Елена Веселинова од Економскиот факултет при УГД.
Конференцијата трае два дена (30 и 31 мај), а во слободниот дел е предвидено учесниците да го посетат манастирот „Св. Гаврил Лесновски“ во село Лесново.