Семејството Караѓозови му подари куќа на УГД

Штипското семејство Караѓозови донираше свој имот – куќа во штипско Ново Село на Универзитетот „Гоце Делчев“. Договорот за подарување на куќата го потпишаа ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, и сопственичката на куќата, г-ѓа Катерина Караѓозова.
Ректорот Боев по потпишувањето на Договорот изјави:

- Познатата штипска фамилија Караѓозови му подари имот на Универзитетот. Тоа е нивната семејна куќа, која е наоѓа во Ново Село. За потребите на Универзитетот куќата ќе биде преадаптирана и приспособена за студиската програма Историја и археологија, а на влезната врата ќе биде поставена спомен-плоча за познатиот лекар Караѓозов. Ова е исклучителен потег на семејството Караѓозови, се надевам дека нема да биде последен и дека и други ценети фамилии ќе тргнат по овој пример. Треба да направиме проектна документација, да ги добиеме потребните дозволи, со оглед дека Ново Село е под заштита на спомениците на културата, да обезбедиме финансиска конструкција и, се надеваме, дека во почетокот на наредната година ќе започнеме со работа.

Катерина Караѓозова е поранешна медицинска сестра и добитник на наградата „Флоренс Најтингел“. Таа изрази задоволство што куќата ќе добие нов облик, ќе биде реновирана и ќе биде во функција на високото образование преку Универзитетот „Гоце Делчев“:

- Драго ми е што куќата ќе остане во спомен, затоа што градот Штип даде многу медицинари, лекари, а д-р Панче Караѓозов го викаат неимар на македонската хирургија. Традицијата треба да се поддржува. Сметаме дека ќе задржиме една убава традиција со тоа што куќата му ја донираме на Универзитетот „Гоце Делчев“, а адаптираната куќа одлично ќе се вклопи во Ново Село кое е под заштита.

- Куќата потекнува од 19 век, вели Александар Панче Караѓозов. Поттикот да го направиме ова беше на некој начин да заокружиме една целина – градот Штип именува медицински центар, улица, населба, во Скопје училиште, и цениме дека овој објект, како што е трендот за Ново Село кое е навистина со богата традиција и историја, неверојатно е колку има видни и еминентни личности кои ја задолжиле Македонија, не само градот, да ја добие таа целина, да биде една реконструкција, па дури да стане и туристичка атракција.

Последен пат изменето на Понеделник, 13 Јуни 2016 15:21
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…