- Денес имаме особена чест и задоволство што потпишавме Договор со Стопанската комора во насока на продлабочување на врските со Комората и во делот на образованието и приспособување на образованието кон бизнисот и стопанството. Ќе го користиме мислењето на Комората во насока на тоа што треба да се менува во нашите образовни курикулуми за да бидеме поприспособливи во делот на стопанството и бизнисот, а нашите студенти да можат полесно да наоѓаат работа. Тие се организација која се занимава со стопанство и бизнис и се добредојдени на Универзитетот, бидејќи ние креираме кадри за нив - истакна ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Од Регионалната стопанска комора велат дека Договорот за соработка што беше потпишан денес ќе значи создавање на кадри кои би биле по мерка на бизнисот и токму оваа соработка ќе значи голем бенефит за студентите.
- Еден од клучните приоритети е тоа што ќе се приспособуваат наставните програми во согласност со бизнисот. Во насока на подобрување на состојбите ние интензивно ќе работиме со Универзитетот. Потпишувањето на денешниот меморандум ќе придонесе за подобрување на добрата соработка - истакна оперативниот директор на Стопанска комора на Македонија, Елена Милевска-Штрбевска.
Од Регионалната стопанска комора во Штип велат дека во најкус рок ќе започнат да се прават анализи за тоа кои кадри се потребни во овој дел на Македонија за да може потоа заеднички овие анализи да се користат во креирање на студиските програми.
- Ќе ги анимираме нашите членови да излезат со анализи и информации за потребните кадри или спецификации на кадри кои треба да се образоваат или евентуално нови програми кои Универзитетот треба да ги воведе во нивните курикулуми. Од она што го знаеме до сега, студените од овој Универзитет се со солидни знаења - истакна претседателот на Регионална стопанска комора на Македонија, Наум Барзов.
Покрај оваа соработка, УГД денес воспостави соработка и со Центарот за развој на Источен плански регион. УГД со овој Центар ќе работи заеднички проект.
- Се работи за проект кој треба да го имплементираме во наредните три месеци. Тоа е проектот „Клик поблиску до вашиот бизнис“. Проектот е финансиран од ГИЗ Ред програмата во Македонија и Министерството за локална самоуправа. Овој проект ќе се спроведува заедно со Лабораторијата за иновации на УГД, заедно со стручни експерти и професори од оваа област. Многу е битно што во овој проект ќе бидат вклучени и студенти од УГД. Во рамките на проектот ќе се донира и соодветна опрема која ќе остане во сопственост на Универзитетот. Суштината е да се воспостави линк меѓу субјектите во Источниот плански регион за размена на информации од различни области. Тука се единиците на локална самоуправа, јавните претпријатија и бизнис заедницата кои би дошле до информации за слободни индустриски зони, локации за инвестирање и правење бизнис, за што ќе бидат поставени линкови на интернет платформи - истакна директорката на Центарот за развој на Источен плански регион, Драгица Здравева.
Од соработката со Центарот за развој на Источен плански регион придобивка ќе имаат и студентите кои ќе бидат вклучени во изработката на тој веб сајт и мобилна апликација за потребите на проектот.