Меѓу учесниците на конференцијата е и д-р Волфганг О Шлис, македонист од Германија:
- Јас ќе имам предавање за германскиот бискуп Вихенг, пријател, поддржувач на Климент, Методија и другите. Германците гледаат сосема позитивно и се заинтересирани за македонскиот јазик. Веќе три години германскиот славист Раутман пишува дека македонскиот јазик е мајчиниот јазик на солунските браќа, значи најстариот словенски јазик, и тоа е всушност линијата по која ние во Германија се занимаваме со Македонија, македонската литература, писмото и јазикот изјави д-р Волф О Шлис.
Во следењето на делата и дејноста на свети Климент активно е вклучен и Институтот за македонска литература, чиј директор проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ истакна дека дејноста на свети Климент секогаш претставува една огромна инспирација:
- Годинава е еден мошне значаен јубилеј, 1.100 години од упокојувањето на Климент Охридски, редок и значаен за сите нас како негови следбеници, кои се занимаваме со изучување на средновековната литература на овие простори. Делото на Климент Охридски секогаш претставува една мошне голема инспирација. Фактот дека 1.110 години не престанува интересот за неговото творештво и кон она што претставува климентовска и кирилометодиевска традиција во светски рамки, доволно говори за годинашната голема прослава на овој јубилеј, особено што денеска и овде, на УГД, се одбележува со еден ваков научен симпозиум, на кој соработниците, колегите и истражувачите на средновековната литература ќе проговорат за некои познати, но и нови аспекти за животот и делото на свети Климент Охридски.
Според деканот на Филолошкиот факултет, доц. д-р Драгана Кузмановска, Факултетот е почестен што може овие денови да ги посвети на свети Климент:
- Филолошкиот факултет е домаќин на Меѓународна конференција која е посветена на 1.100-годишнината од смртта на свети Климент Охридски. Ние денес ја собравме стручната фела од оваа област за да го продолжиме факелот на просветителството кој големиот Климент Охридски го запали уште во 886 година, кога ја отвори Охридската книжевна школа, односно првиот Словенски универзитет. Ние како најмлад универзитет сме горди што можеме овој ден да го посветиме на великанот свети Климент Охридски изјави доц. д-р Драгана Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет при УГД.