- Значењето на соработката меѓу Медицинскиот универзитет во Самара и УГД е огромно во сферата на науката и во сферата на медицината. Ние секоја година спроведуваме размена на студенти. Оваа година нашите студенти имаа можност да реализираат пракса во Специјалната болница за хируршки болести „Филип Втори“ во Скопје и да присуствуваат овде на Универзитетот во Штип. Со таа можност нашите студенти научија повеќе за образовниот систем во медицината. Тоа за нас е можност да се здобиеме и со најдобра пракса и тоа да го примениме кај нас. Нашата соработка е плодна, така што треба и понатаму да се развива - истакна Михаил Иванов, декан на Медицинскиот факултет во Самара, Русија.
Студентите од Русија, исто така, се задоволни од она што имаа можност да го видат овде во Штип и во Македонија. Нивниот престој опфаќа посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ и на неколку клиники и знаменитости во Р. Македонија.
- Првпат сме во Македонија и многу ни се допаѓа. Посетивме многу знаменитости во Скопје и околината. Бевме и во Болницата „Филип Втори“ и видовме дека станува збор за многу софистицирана болница од каде што ќе понесеме многу знаење - рече Настасија Шункова, студентка од Самара.
Деканот на Факултетот за медицински науки при УГД, проф. д-р Рубин Гулабоски, посочи дека соработката со Универзитетот во Самара е една од најдобрите што ја има овој факултет.
- Факултетот има соработка со преку 30 високообразовани институции во светот, но со Универзитетот во Самара имаме интензивна и искрена соработка каква што немаме со ниту еден друг универзитет. Ова е осма година на соработка со нив. Претходно петнаесет наши студенти беа во Русија, а сега гости ни се десет нивни студенти. Оваа соработка е премногу неопходна и за нашите и за нивните студенти - истакна деканот на Факултетот за медицински науки при УГД, проф. д-р Рубин Гулабоски.
Деканот и ректорот најавија дека оваа соработка од наредната година ќе продолжи на повисоко ниво, што значи дека професори од двата универзитета ќе присуствуваат на меѓусебни предавања, а најавија и заеднички научни конференции.