Програмата беше поделена на две секции: Човекови права и Кривично право. Во секцијата Човекови права учествуваа 20 студенти, а во секцијата Кривично право учество земаа 25 студенти.
Студентите полагаа и завршен испит со цел да се потврди нивното стекнато знаење и сите се стекнаа со сертификати за учество. Сертификатите беа издадени од страна на Мисијата на ОБСЕ, Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип и Државниот универзитет во Тетово.
Школата се организираше од 21 до 27 јули во Охрид, а ја организираа правните факултети при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот универзитет во Тетово, поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Во подготвителниот период беше формиран Организационен одбор на Школата, кој го сочинуваа: проф. д-р Јован Ананиев и проф. д-р Страшко Стојановски од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Агим Нухиу и проф. д-р Насер Адеми од Државниот универзитет во Тетово и доц. д-р Жанета Попоска и м-р Томе Шеќерџиев од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Конкретните цели на Школата беа следниве:
- Подобрување на знаењата во доменот на човековите права, ефикасни институции, ефикасно носење на политички одлуки, кривичното право и моделите за добро управување и меѓуетнички односи;
- Подобрување на вештините за ефикасно препознавање на клучните предизвици во областа на човековите права и кривичното право и предлагање на модели за нивно надминување;
- Зголемување на чувствителноста и свесноста на студентите за прашања кои се однесуваат на антидискриминацијата, намалувањето на говорот на омраза, феноменот на криминал од омраза и почитувањето на етничката, јазичната и религиозната различност;
- Развивање на вештини за критичко размислување во процесот на учење на предмети во областа на правните и политичките науки и социологијата;
- Вмрежување меѓу студентите од различни правни факултети, како потенцијал за идни активности иницирани од нивна страна во коишто може да се јават како носители на истите;
- Кумулација и трансфер на ЕКТС кредити меѓу универзитетите.
Темите кои се обработуваа се однесуваат на човековите права, меѓу другото и заштитата од дискриминација, говорот на омраза и криминалот од омраза, правата на жените, децата и лицата со попреченост, правото на работа, меѓународниот систем на правна заштита на човековите права, како и теми поврзани со кривичното материјално и процесно право. Исто така, беа вклучени и теми кои се однесуваат на мултикултурализмот и моделите на градење доверба во мултиетничко општество.
На летната школа како предавачи Учествуваа:
1. проф. д-р Ферат Полиси, редовен професор и декан на Правниот факултет при ДУТ;
2. проф. д-р Страшко Стојановски, вонреден професор на Правниот факултет при УГД;
3. доц. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, доцент на Правниот факултет при УГД;
4. доц. д-р Жанета Попоска, офицер за владеење на право при Мисијата на ОБСЕ во Скопје и доцент на Правниот факултет при УГД;
5. доц. д-р Агим Нухиу, доцент на Правниот факултет при ДУТ;
6. проф. д-р Јован Ананиев, редовен професор и декан на Правниот факултет при УГД;
7. проф. д-р Лазар Нанев, вонреден професор на Правниот факултет при УГД, судија;
8. проф. д-р Сеадин Џафери, професор на Економскиот факултет при ДУТ;
9. м-р Томе Шеќерџиев, офицер за владеење на право при Мисијата на ОБСЕ во Скопје;
10. проф. д-р Насер Адеми, редовен професор на Правниот факултет при ДУТ;
11. доц. д-р Лазар Јовевски, доцент на Правниот факултет при УКИМ;
12. проф. д-р Васфи Доко, редовен професор на Правниот факултет при ДУТ;
13. м-р Славица Чубриќ, постар правен асистент при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Галерија