Обука на студенти за истражувачко новинарство

Студенти на новинарство од Универзитетот „Гоце Делчев“ учествуваа на двомесечен Курс за истражувачко новинарство во областа на човековите права и правосудството.

Овој курс има за цел да обучи 20-30 студенти или млади новинари да бидат подготвени за пишување квалитетни истражувачки стории. За таа цел Институтот за човекови права во координација со апликантот и трите медиумски соработници (ТВ Телма, ТВ Нова и Фокус)  направи избор од 8-10 експерти (искусни новинари и експерти за човекови права) кои беа задолжени за спроведување на обуката. По завршувањето на дводневните обуки на секој од трите универзитети кои беа вклучени: Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, учесниците кои успешно ја поминаа обуката имаа можност да се пријават за учество во понатамошниот дел од овој курс, а оние кои сакаа да бидат дел од понатамошните чекори имаа за задача да испратат синопсис за истражувачка сторија. Од пристигнатите апликации беа избрани 30 студенти кои беа на дводневен тренинг, кој се одржа од 10 до 12 јули во Охрид, на кој предавачи беа Борјан Јовановски, Боби Христов и Јадранка Костова. На овој тренинг беа обработени следните теми: основи на истражувачко новинарство, слободен пристап до информации од јавен карактер, заштита на човековите слободи и права преку истражувачко новинарство, работа на случаи во мали групи и други теми избрани од експертите. Следниот чекор беше еднодневниот тренинг на 14 јули во Скопје на кој експертите Мери Јордановска, Сашка Цветановска, Бојан Маричиќ и Воислав Стојановски обработија и други теми, како: истражувачко новинарство преку следење на движењето на парите, развивање на бази на податоци и користење на податоците од дата базата, присуство на јавноста во спроведување на кривични постапки, работа на случаи во мали групи, слобода на  изразување,  говор  на омраза и ограничување на слободата на говорот во судската пракса на Европскиот суд за човекови права, етички дилеми во истражувачкото новинарство и др.

По завршување на првиот дел од летниот Курс по истражувачко новинарство од областа на човековите права и правосудството студентите преку предлог-истражувачки стории конкурираа за пракса во медиумите. Следните чекори се доработување на сториите  и проверка од менторите, при што по следното дооформување на сториите тие ќе им бидат испратени на другите ментори, на следниот дводневен курс во Охрид ќе им бидат дадени забелешки за тоа како да ги подобрат сториите. На крај комисијата ќе одбере 9 студенти кои ќе имаат двомесечна пракса во Фокус, ТВ Телма и ТВ Нова, но и тројца најдобри. На 22 септември во Скопје ќе се одржи свечена конференција на која ќе бидат доделени сертификати за успешно завршениот курс.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…