Боев до студентите: Со својот избор сте подготвени да го освоите знаењето!

Започна новата академска година на факултетите и академиите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Свеченоста по повод првиот академски час се одржа во Мултимедијалниот центар на УГД, а на неа, покрај новите студенти на УГД, присуствуваа и ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, и првиот ректор на УГД, проф. д-р Саша Митрев.

Ректорот Боев во своето обраќање до новите студенти рече дека ова за нив е ден во кој започнува најубавиот дел од нивниот живот, исполнет со многу очекувања и надеж, ден кој треба да ги разбуди сите нивни соништа, убедувања, идеи, ден во кој одлучуваат за себе. Боев истакна дека со новите студенти сака да сподели размислувања во поглед на една важна тема, а тоа е слободата на изборот.

Во светот постојат преку 20 илјади универзитети, во Македонија преку 20, што, ќе се согласите со мене, е една огромна можност за избор. Прашањето кое се поставува е дали сте го направиле вистинскиот избор. Животот претставува множество на прилики и можност за избор. Одберете за себе, тоа е пораката која денес ви ја испраќам. Од секој млад човек се очекува да знае правилно да одбере и да биде успешен креатор на својот живот, да избере и да донесува рационални одлуки. Колку и да звучи лошо, тајната на среќата е во малите очекувања. Почитувани колеги, вашиот избор е Универзитетот „Гоце Делчев“, можеби не е тоа МИТ во Бостон, можеби не е Беркли во Калифорнија, не е ниту Емпириал во Лондон, меѓутоа бидете сигурни дека тоа е вистинскиот избор доколку е ваш! Не се лидери во општеството и бизнисот оние кои знаат најмногу, туку оние кои се подготвени да донесуваат одлуки. Бидете сигурни дека и оние ваши колеги кои се запишале на МИТ имаат ист број на неврони во сивата маса на мозокот – 100 милијарди како и вие. Вие со ништо нема да заостанувате зад вашите колеги од тие високорангирани универзитети. Знаењето не се купува, тоа се освојува! Вие со вашиот избор сте покажале дека сте способни да го освоите знаењето. Немојте да имате  каква било резерва дека вашите професори на УГД не поседуваат доволно знаење - имајте доверба во нив, барајте од нив, извлечете го од нив сето она што е потребно за да ги нахраните вашите сто милијарди неврони. Бидете неприкосновени во поглед на тоа дека сте вие централното прашање на УГД - Штип. Слободно вклучете се со своето размислување за сите прашања кои се битни за развојот на слободата на мислење, слободно изнесете го своето мислење во анкетите за секој од нас, без да размислувате во насока дека ќе влијае на некои состојби во вашето студирање. Јас сум тука да ги поддржам сите ваши соништа и визии, да го заштитам вашето достоинство од секој оној кој има намера да го наруши! Вие сте иднината на нашето општество, вие сте идните лидери, вие ќе ја внесете нашата Република Македонија во семејството на европските народи. Почитувани колеги, ова е вашиот живот и немојте да дозволите никој да ви го одземе тоаим порача Боев на студентите

На свечениот прв академски час се обрати и заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, кој истакна дека му е задоволство што повторно е гостин на стартот на академската година на УГД, универзитет кој е најбрзорастечки и бргу стана второрангиран во Република Македонија.

Ова е универзитет кој сѐ повеќе се развива, на кој има катедри кои се карактеристични само за него, со тоа придонесува и за развојот на градот Штип и на целиот регион. Оваа десетта јубилејна година им посакувам на новозапишаните студенти, но и на оние кои веќе студираат, успешна академска година во која ќе постигнат успеси за себе, побрзо дипломирање, а потоа, се разбира, и обезбедување на работно местоизјави заменик-министерот Ристовски

Редовната настава на УГД започнува в понеделник, 19 септември.

 

 

Последен пат изменето на Четврток, 15 Септември 2016 15:22
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…