ФПТН коорганизатор на „Подекс повекс 2016“

Од 11 до 13 ноември 2016 година, во хотелот „Сириус“ во Струмица се одржа деветтото Стручно советување од областа на подземната и површинската експлоатација на минерални суровини „Подекс – повекс“. Организатор на ова советување е Здружението на рударски и геолошки инженери на Република Македонија, а коорганизатор Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип - Факултетот за природни и технички науки. На советувањето беа презентирани новите техничко-технолошки достигнувања и остварените производни резултати во подземната и површинската експлоатација на корисни минерални суровини, беше направен реален пресек на состојбите во подземните рудници за производство на олово и цинк и други минерални суровини, реален пресек на состојбите во површинските рудници за производство на бакар и други металични и неметалични минерални суровини, а беа дадени и основните насоки и перспективи за понатамошен развој на технологиите за подземно и површинско откопување на минералните суровини.

- Развојот на ова советување продолжува и понатаму и е евидентиран преку зголемувањето на бројот на научни трудови, преку нивните цитати како во рударската наука, така и преку соодветен придонес во воведувањето на современите технички решенија и, воопшто, во развојот на рударското инженерство во Македонија. Од оваа година, првпат како коорганизатор, освен Факултетот за природни и технички науки при УГД - Штип, влегува и Балканската академија за рударски науки. Ова е само почеток на зголемена научна поддршка на советувањето и воопшто на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија. Унапредувањето на постојните технологии за експлоатација, развојот на рударската опрема и технологија, воведувањето на менаџментот на знаење во рударските компании, развивањето на нови технологии за заштита на животната средина, примената на посигурни и поевтини начини на експлоатација, приднесува рударската индустрија да се вклучи во глобалните светски текови и да развива нови полиња на делување и унапредување. Во Македонија, според РЗ за статистика, во 2015 година во секторото рударство и вадење на камен биле активни 173 компании кои учествувале со вкупно 10,1 % од структурата на индустриското производство. Кај преработувачката на неметалните минерали активни  се вкупно 332 компании, со дополнителни 5,14 % учество во структурата на индустриското производство. Тоа се вкупно околу 12.600 работници со учество на околу 1,7 % во вкупниот број на вработени во земјата. Треба да кажеме и дека сме на прагот на отворање на нови инвестиции и нови рудници. Се надеваме на нова посветла, пред сѐ, еколошки настроена и побогата иднина – рудникот Казан дол, новонајавените Иловица, Кадиица, продолжување на експлоатацијата на јаглен за потребите на АД Електрани на Македонија, новите рудници за кои постои соодветна документација, новите потенцијални рудници во источниот дел на Македонија – Звегор Стамер и Панчарево, за кои при крај се истражните работи. Ваквите стручни советувања, и токму ова денеска, треба да дадат афирмативен одговор на прашањата каде сме ние инженерите од рударството, дали сме добро профилирани, образовани, дали ги следиме најновите трендови во рударството, кој е нашиот придонес во рударството не само како инженерство, туку и како наука. Потребни се нови идеи, нови размислувања, нова мисла изјави проф. д-р Зоран Панов од Факултетот за природни и технички науки, инаку претседател на Организацискиот одбор на ,,Подекс повекс 2016''.

На свеченото отворање на Стручното советување се обрати и деканот на ФПТН, проф. д-р Зоран Десподов, кој истакна дека Факултетот за природни и технички науки, односно некогашниот РГФ го поддржува ова советување од неговиот почеток, од 2007 година.

- На ова советување се презентираат резултатите од постигнувањата во рударството во Македонија и на Балканот, но и се посочуваат проблемите кои се јавуваат во работењето, се даваат и насоките за развој и модернизирање на идното рударство. Научните и стручните советувања претставуваат своевиден трансфер на знаењата и, поради тоа, ФПТН ги поддржува и активно учествува во нивното работење

Во рамките на советувањето беа презентирани повеќе научни трудови, а Универзитетот „Гоце Делчев“ го збогати целиот настан и со настап на студенти од Музичката академија – на паузите од стручната работа учесниците можеа да проследат и настап на студентите Тања Трбојевиќ на пијано, Моника Стојкоска на флејта и Нинослав Спировски на кларинет.

Последен пат изменето на Среда, 23 Ноември 2016 15:26
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…