(Видео) Соработка со амбасадите на Франција и на Египет

Амбасадорите на Франција и на Египет денеска беа во посебни посети кај ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ и разговараа за можната соработка меѓу УГД и овие институции.

Амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристиан Тимоние, истакна дека тие планираат соработка во делот на изучување на францускиот јазик и култура, но и во размена на студенти меѓу двете држави.

- Особено сум среќен што денес го посетувам овој модерен универзитет. Модерен според работните услови, но и според духот. Денес разговаравме со ректорот за развојот на францускиот јазик во рамките на овој Универзитет. Тоа подразбира и отвореност кон светот и за Македонците и за студентите. Зборувавме за некои области во кои Франција е најнапредната, тоа се земјоделието и уметноста, и подготвени сме да размениме знаења и студенти во овие области истакна амбасадорот на Франција во Р. Македонија, Кристиан Тимоние.

Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, исто така ја истакна подготвеноста на Универзитетот за соработка со Франција и со франкофонските институции.

 - Ние ја продолжуваме традиционално добрата соработка со Франција во образованието, науката и истражувањето. Тој се интересираше за отворање на стартап друштва за развој на Универзитетот, а од друга страна разговаравме за соработка со универзитетите во Франција. Има и можност за размена на студенти меѓу француските универзитети и УГД истакна ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Покрај амбасадорот на Франција, денес во посета на УГД беше и амбасадорката на Египет за Македонија во Софија, Манал Јехиа Ел Шенави. Амбасадорката истакна дека добила информации дека УГД има квалитетни факултети и дошла да види дали има можност за соработка меѓу египетските институции и УГД.

 - Слушнав за Универзитетот и за неговите факултети и сметав дека е добро да видам дали има можност за соработка. Во Египет имаме многу добри универзитети и мислам дека е добра можност да го запознаеме овој Универзитет и да видиме како можеме да соработуваме. Знам за Факултетот за медицина, кој е многу напреден и мислам дека можеме да отвориме врата за овие полиња, како и за уметноста и за литературата истакна амбасадорката на Египет за Македонија во Софија, Манал Јехиа Ел Шенави.

Ректорот на УГД истакна дека овој Универзитет има одлична меѓународна соработка и преку овие посети таа соработка само се продлабочува и подобрува. Овие посети во иднина ќе бидат конкретизирани и во меѓусебни договори и проекти.

Видео

 

Последен пат изменето на Петок, 18 Ноември 2016 15:51
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…