-Денес имавме задоволство да ја проследиме презентацијата од колегите од „Космик девелопмент“, студентите имаа можност да се запознаат со една нова технологија што се појави пред неполна година и видео примери како сето тоа може да се имплементира и како колегите тоа го работат во нивната секојдневна апликација изјави доц. д-р Зоран Здравев од Факултетот за информатика.
Пред студентите предавање имаше Владимир Новачки од фирмата „Космик девелопмент“, кој ги охрабри студентите да не се плашат и да навлезат во актуелните теми во реалните проекти:
-Студентите би можеле многу лесно да навлезат во теми кои се актуелни во реалните проекти, бидејќи имаат предиспозиции со нивното учење на факултетот. Јас имав предавање на темата „Web push notification“, која е извонредно актуелна и нова во областа на информатичката технологија. Ние потпишавме Договор за соработка со УГД и Факултетот за информатика, ќе имаме можност да обучуваме практиканти, да видат како се работи на реални проекти и подоцна да можат да се вработат во компанијата, по одреден период на пракса. Нашата компанија работи претежно веб девелопмент, но ги работиме и сите актуелни теми што се во однос на информатичкиот сектор - мобил девелопмент, графички дизајн, така што имаме простор за студенти кои имаат различни интереси.
Иницијативата за соработка помеѓу „Космик девелопмент“ и Факултетот за информатика доаѓа токму од студенти кои дипломирале на УГД и сега работат во оваа фирма, а на предавањето во Штип беше Драган Павлов:
-Јас сум поранешен студент на Факултетот за информатика, а сега сум вработен во „Космик девелопмент“. Покренавме иницијатива кај нашите претпоставени да почне соработка помеѓу УГД и нашата компанија, со што би започнале со практична соработка и размена на искуства помеѓу студентите и нашите вработени, со цел да се приближи образованието до праксата и моменталните актуелни случувања во информатичката технологија и студентите да бидат запознати со развојот на компаниите и што ги очекува кога ќе излезат од студентските клупи, да можат полесно да се приспособат на новата атмосфера, работна атмосфера која ги очекува во компаниите. Студиската програма на Факултетот за информатика е многу блиска до оние работи кои се работат во информатичките компании и ги исполнува сите услови што треба да ги има вработен во овие компании. Соработката може да биде во повеќе предмети и може да се прават и дипломски, семинарски работи.