(Видео) Културата на говорот е наше богатство

Реториката, културата на говорот, како и убавиот пишан збор беа во центарот на вниманието на студентите на Филолошкиот факултет при УГД, преку средбата што ја имаа со поетот Стојан Тарапуза и проф. д-р Кристина Николовска од Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ во Скопје.

На тема „Реториката: наука, вештина или уметност“, проф. д-р Николовска им предаваше, но и им демонстрираше на студентите реторика и култура на говор. Според неа, многу е важно да имаме изградена култура на говор, не само како академски граѓани, туку и насекаде – во јавниот, деловниот, социјалниот живот, но и во приватниот - ако два збора не знаеме да ги кажеме во вистински момент, не можеме да ја отвориме вистинската врата. Така е и со сите сфери на живеење – многу е важно да верувате во вистинска цел, да имате добра намера, но и да знаете тоа да го кажете. Да си го сакаме својот јазик, да го негуваме и да го градиме преку говорот. Јазикот е жива материја, а говорот е негова реализација. Од значење е реториката да ја применуваат и идните наставници и педагози:

- Исклучително е значењето на реториката и културата на говорот за наставниците и педагозите. Сметам дека тие утре ќе ѝ помогнат на иднината, знакот на иднината е и на овој Универзитет, и ние мора тоа да го негуваме. Тие студенти утре ќе бидат одговорни како идни наставници да го пренесат тоа знаење. Но и како родители ние сме должни нашите деца да ги воспитуваме, а и сограѓаните, да читаат книги, да го негуваат јазикот, оти тоа е нашата највисока претставителност, културата и јазикот се нашиот врв – изјави проф. д-р Кристина Николовска.

Поетот Стојан Тарапуза пред студентите читаше поезија и одговараше на прашања, оправдувајќи ја репутацијата на поет кој знае да направи извонредна синергија со слушателите.

- Оваа средба за мене, како Стојан Тарапуза, е прекрасна и такви средби треба да се одржуваат во ова време-невреме, кога сите бегаме од книгата, да ја вратиме книгата, да биде наша другарка и сопатничка. Со вакви средби, со контакти со децата, со разговори за книгата... современите играчки, технологијата, ги одвоија децата. Сѐ што е ново е интересно, тие сега уште не се изживеани, кога ќе се изживеат, ќе ѝ се вратат на книгата, оти книгата е неуништлива, семоќна, бесмртна – изјави поетот Стојан Тарапуза.

 

Последен пат изменето на Понеделник, 06 Март 2017 16:00
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…