(Видео) Професионалци од Здружението на преведувачи на Македонија имаа работилница со студентите на Филолошки факултет при УГД

Филолошкиот факултет при УГД во соработка со Здружението на преведувачи на Република Македонија организираше практична работилница со студентите од овој факултет.

Целта на работилницата е студентите да се запознаат со реалните предизвици и проблеми со кои ќе се соочуваат во текот на преведувањето на книжевни дела. Деканката на Филолошкиот факултет истакна дека оваа соработка со Здружението е долгогодишна и дека ќе продолжи во насока на овозможување на повеќе знаење за студентите на УГД.

- Ние имаме добра соработка со Здружението на преведувачи и тоа е многу важно за нас и сметаме дека тоа е алатката преку која ќе ги профилираме нашите идни преведувачи и толкувачи и поради тоа направивме еден проект „Стекнување и развивање на компетенциите на преведувачите и толкувачите“ од сите јазични групи на нашиот факултет. Денес со помош на нашите колеги од Здружението практично да им покажеме на нашите студенти со што ќе се соочат кога ќе прават книжевни преводи - изјави проф. д-р Драгана Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет

Според професорите од Здружението, но и од Филолошкиот факултет, преведувањето на книжевни дела е посебен предизвик затоа што тоа мора да содејствува на оригиналот и да ја изразува идејата на авторот.

- Книжевниот превод кај нас не е поставен како што треба и не се работи кон достојно почитување и вреднување на тој труд во општеството. На оваа работилница студентите ќе работат на текст, а потоа преводот кој ние сме го направиле ќе го дискутираме со нив и ќе видиме каде се разликите и различните решенија. Преводот е нешто што се заснова на почит кон оригиналноста на авторот, но во исто време значи и почит кон индивидуалноста на преведувачот и специфичноста на јазиците. Едно книжевно дело преведено на некој јазик треба да звучи како да е напишано на јазикот на кој е преводот, а тоа е многу одговорна и тешка задача - изјави Огнена Никулјски, претседател на Здружението на преведувачи на Македонија.

Работилницата се одржа денес во просториите за преведување на Филолошкиот факултет, а беше посетена од студенти од сите насоки на Факултетот.

Последен пат изменето на Среда, 15 Март 2017 16:08
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…