(Видео) На 10-годишнината на УГД – императивот е повеќе млади во него

Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, на средбата со новинарите ги најави активностите за одбележување на јубилејот – 10 години од основањето на УГД и најави дека императив во наредниот период ќе биде негово подмладување.

- Имам особена чест токму мене да ми припадне можноста да го најавам прославувањето на 10 години УГД, еден значаен јубилеј на оваа високообразовна установа која е основана и делува во градот Штип и во југоисточниот дел на Македонија. Велам, еден исклучително убав јубилеј на една установа која беше формирана пред десет години, јубилеј кој ќе биде одбележан во четврток, 23 март, со Свечена академија која ќе се одржи во Центарот за култура „Ацо Шопов“. Мислам дека е важен момент за една ваква установа да се развие на ниво на кое е сега во еден период од десет години и мислам дека значајниот придонес кој го направи оваа установа во развојот на високото образование во Република Македонија и посебно во овој регион е недвосмислено голем и мислам дека заслужува одбележување на начин на кој ние ќе го направиме тоа. Цела недела до четврток имаме настани кои го одбележуваат нашиот јубилеј, настани од образованието, културата, спортот, сето она што УГД има општествена одговорност да им го овозможи на граѓаните. Ќе има настап на врвни уметници, традиционална велосипедска трка низ Штип и, се разбира, на крај, Свечена академија на која ќе настапи најдоброто од Македонија во делот на културата и музиката - Влатко Стефановски, Тони Китановски и Никола Ристановски, врвниот уметник во делот на театарот. Ќе биде промовиран и филмот „10 години УГД“, тоа е наше издание, продукција на Филмската академија на УГД, со едно видување каков ќе биде УГД во иднина. Фактот што оваа установа ги издржа првите десет години од своето постоење е доволен доказ дека таа вреди како таква и дека се етаблира во системот на високото образование во Македонија и пошироко. Бројките на студенти кои поминале низ УГД се меѓу 25 и 30 илјади студенти кои партиципираа на УГД во Штип, но слободно ќе кажам дека бројката на дипломирани студенти и не е така голема. Оваа бројка не минува 3 500 дипломи на прв циклус студии, околу 500 на вториот и 50-60 дипломи на трет циклус студии. Значи станува збор за една млада високообразовна установа која со сите проблеми кои ги има во себе, со сите недоречености, незаокружената кадровска структура, недостатокот на многу голема бројка на млади, пред сѐ асистенти и професори, мислам дека сепак добро се носи со сите предизвици. УГД иако кадровски незаокружена, сепак добро котира во рамките на државните универзитети во Република Македонија, каде што е втор универзитет по ранг. Имаме потреба од ангажирање на поголем број на млади во делот на наставниот процес на УГД ако сакаме рапидно да го зголемиме квалитетот на образованието на УГД. Нам ни се потребни можеби и 200 соработници во делот на вежбите, практичната работа со студентите. Можеби оваа бројка во квантум делува многу, но треба да се сфати дека имаме потреба од млади, од тоа да го подмладиме и развиеме Универзитетот во насока на подобро и поквалитетно образование, бидејќи само образование кое вреди треба да им се даде на студентите изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

 

Последен пат изменето на Среда, 15 Март 2017 10:55
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…