(Видео) Уметничка пролет на УГД – концерт на Емилија Потевска-Попивода

Во рамките на одбележувањето на јубилејот Десет години УГД ќе се одржи и манифестацијата „Уметничка пролет“, која годинава ќе започне со концертот на пијано на Емилија Потевска-Попивода, во четврток, 16 март, со почеток во 19 часот.

- На програмата ќе изведувам композиции од македонскиот автор Димитрие Бужаровски, кои се базирани на македонски народни теми. Практично, македонските народни песни се обработени во класична пијано верзија, со примеси на џез, експресионизам, импресионизам, и сметам дека публиката навистина ќе ужива препознавајќи ги познатите македонски песни кои во минатото, но и денес се изведуваат и пеат. Дел од нив се Зајди зајди, Калеш Анѓо, Шеќерна, Дали знаеш Милице и многу други. Од друга страна е и една сложена пијанистичка фактура којашто бара виртуозност за изведба и токму овие две компоненти, виртуозноста во стилот на Лист и Шопен, но и препознатливите македонски теми ги прават впечатливи, но и лесни и разбирливи за слушање за публиката изјави Емилија Потевска-Попивода.

Концертот на Емилија Потевска-Попивода е само почеток на Уметничката пролет, најави Антонијо Китановски, декан на Музичката академија.

- На 23 март на Свечената академија ќе има музичка програма, каде што ќе настапиме заедно со Влатко Стефановски, а ќе ни се придружи и нашиот драг пријател Никола Ристановски со поезија од Ацо Шопов. Во мај ќе имаме настап со новосоздадениот биг бенд, овде во Штип, една традиција што започнала многу одамна по војната, со биг бендот „Македонка“. Сега ја обновуваме таа традиција, заедно со неколку млади музичари од средното музичко училиште, студенти од Музичката академија и професори. Ќе имаме и настани во април, за кои засега не објавуваме детали, ќе биде изненадување за сите. Во план е крајот на семестарот да го завршиме со настап на отворено на некој познат македонски бенд од рок и поп музиката  најави Антонијо Китановски.

Концертот ќе се одржи во Мултимедијалниот центар на УГД.

Последен пат изменето на Четврток, 16 Март 2017 09:09
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…