Далибор Серафимовски и Димитрија Ангелков се докторите на науки кои беа свечено промовирани денес.
- Во последните неколку години активно се занимавам со системи за медицински надзор. Докторатот се однесува на имплементација на модел во и вон клинички услови за далечинско следење на пациенти со помош на мобилните уреди кои сите ги имаме во нашите џебови - изјави Далибор Серафимовски, доктор на технички науки, информатика и компјутерско инженерство.
Серафимовски веќе преговара со компании со цел овој негов систем да најде примена и во бизнисот.
Во рамките на прославата се промовираше и Каталогот на изданија на УГД, во кој се вклучени сите изданија од последната година.
- Издаваштвото е најобемниот сегмент и ги вклучува сите алки на високото образование. Сѐ што се работи на Универзитетот завршува во издавачката дејност. За 11 години денес промовираме деветти по ред Каталог на изданија. Издавачката дејност бележи добар напредок. Електронската библиотека се збогатува за околу 100-тина изданија. Овој Каталог има преку 150 изданија - изјави проф. д-р Лилјана Колева-Гудева, претседател на Комисијата за издавачка дејност на УГД.
Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, истакна дека е задоволен од тоа како УГД се движи во изминатиот период.
- Со промоцијата на Каталогот на изданија почнува прославата за 11 години УГД. Во текот на март имавме многу активности со кои го одбележавме овој ден. Со овие две промоции денес свеченоста продолжува на УГД. Главниот настан е утре, на Свечената академија ќе ги пренесеме пораките што Универзитетот сака да ги пренесе во јавноста. Генерално гледано, за 11 години добро се развива Универзитетот и произведува добри студенти - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Свечената академија е утре во 12 часот, во Мултимедијалниот центар, а во културната програма свој уметнички настап ќе има Влатко Стефановски.