- Денеска го одбележуваме Денот на Европа, евроинтегративните процеси и вредности. Во рамките на овој настан промовираме серија книги и изданија. Публикацијата „Не е шега – дискриминација и цензура“, понатаму годишните зборници, зборниците од меѓународната конференција и списанието „Balkan Social Science Review“, како и промоција на книга од професорот Андон Мајхошев. Но најинтересно е истражувањето кое ќе го презентираме на тема „Евроинтегративните процеси на Македонија и спорот со името“ - изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.
Истражувањето кое студентите го направиле под менторство на проф. д-р Страшко Стојановски и проф. д-р Дејан Марлов дава интересни резултати за расположението за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, како и за тоа колку граѓаните се подготвени тоа да го платат со промена на името.
- Во првиот дел на истражувањето се забележува дека граѓаните ѝ даваат поголема поддршка на Европската Унија од НАТО. Во споредба со претходните истражување може да се забележи тренд на опаѓање за членството во НАТО - изјави Александра Трајкова, студентка на Правен факултет при УГД.
Според истражувањето што го направиле студентите, интересни се и резултатите за тоа кои држави се најпријателски со Македонија.
- Од регионот граѓаните сметаат дека најпријателска земја е Србија, додека од светските сили најпријателска е Русија. Но голем дел сметаат дека тоа се и Германија и САД. Најголемо влијание во Македонија, според испитаниците, има САД - вели Лорета Донева, студентка на Правен факултет.
Менторот на студентите проф. д-р Страшко Стојановски истакна дека резултатите од ова истражување се поклопуваат со резултатите кои неодамна се објавени и од други истражувачи во Македонија.
- Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок, но тоа не се однесува на етничкиот и религискиот критериум, односно најголем дел од испитаниците се Македонци. Она што е интересно од истражувањето е дека со опаѓањето на возрасната категорија опаѓа и поддршката, особено за членството во НАТО. Поддршката за НАТО изнесува околу 62%, но кај најмладите категории, кај студените, оваа поддршка опаѓа некаде до 55%, а најголема е поддршката кај пензионерите и повозрасните категории - изјави проф. д-р Страшко Стојановски.
Во рамките на одбележувањето, студентите од Ликовната академија имаа изложба на плакати на тема „Миграции“, а студените од Музичката академија одржаа и џез концерт.