Соработка на УГД – Штип и Универзитетот „Хаџи Зека“ – Пеќ, Косово

Со потпишување на Меморандум за соработка, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и државниот Универзитет „Хаџи Зека“ во Пеќ (Косово) отворија можности за соработка на повеќе полиња од образовната и научноистражувачката област. Според ректорот на Универзитетот во Пеќ, проф. д-р Фадил Милаку, двата универзитета имаат големи можности за соработка.

- Како млад универзитет ќе започнеме со докторски студии. Бевме на Факултетот за туризам на УГД и планираме и ние да започнеме со студиска програма за гастрономија, каква што нема на Косово. Затоа најпрвин соработката ќе биде со ФТБЛ на Универзитетот „Гоце Делчев“, а ќе ги разгледаме сите други можности, врз основа на студиските програми кои ги имаме – изјави проф. д-р Милаку.

За ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, потпишувањето на Меморандум за соработка е важно бидејќи станува збор за државен универзитет кој има студиски програми кои се приспособливи за нашите образовни курикулуми.

- Ова посебно се однесува новите студиски програми што тие би сакале да ги отворат, еве и во областа на гастрономијата, туризмот, менаџментот во туризмот кои ние веќе ги имаме. Ние сме отворени за соработка во тој поглед, како во поглед на студиските програми, така и во поглед на нашите кадри. Ќе работиме на заеднички меѓународни проекти, проекти во ЕУ, и мислам дека е добра можност да соработуваме со Косово, во интерес на она што значи европска иднина на овој регион, бидејќи сите заедно треба да се гледаме во таа европска иднина – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

 

Последен пат изменето на Вторник, 26 Јуни 2018 14:38
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…