Централното одбележување годинава беше пред споменикот на Гоце Делчев во Градски парк во Скопје, каде што делегации од Владата и Собранието на Р. Македонија, како и од останати институции, меѓу нив и УГД, положија цвеќе пред споменикот на великанот на македонската револуционерна борба.
На 23 октомври 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев го формираа Македонскиот револуционерен комитет или подоцна Внатрешно-македонска револуционерна организација (ВМРО). Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош однадвор. Со тоа почнало организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската Република, преку Народноослободителната војна резултира со создавање самостојна македонска држава.