Работилница и Конкурс за преведувачи и толкувачи

Филолошкиот факултет, заедно со Здружението на преведувачи и толкувачи (MATA) организираше работилници за преведување и титлување, како и презентација на Конкурсот за избор на најдобар млад преведувач „Вавилон 2020“.

Целта на Конкурсот за најдобар млад преведувач е да ги охрабри и да ги поддржи младите преведувачи, како и да поттикне врвен квалитет при преведувањето литературни дела од европските јазици на јазиците што се зборуваат во земјава.

Пред студентите од Филолошкиот факултет Конкурсот го претстави проф. Огнена Никуљски, претседател на Здружението на преведувачи и толкувачи.

- Во рамките на соработката со УГД и оваа година организираме работилница која се состои од два дела – првиот дел е информирање на студентите за Конкурсот што го организира Делегацијата на ЕУ и Организацијата на преведувачи и толкувачи за најдобар млад преведувач „Вавилон“. Тоа е многу интересен конкурс и се надеваме дека студентите ќе бидат заинтересирани да се пробаат и во полето на книжевниот превод. Единствен услов е да бидат на возраст до 26 години, друго ограничување нема, за превод на сите јазици од ЕУ на сите јазици што се зборуваат во Македонија. Ова е седми пат како се одржува овој Конкурс, и се надеваме дека ќе има одзив меѓу младите во Штип кои ја сакаат литературата. Вториот дел од работилницата се однесува на титлувањето. Со продорот на странски канали кај нас, воопшто со емисии од странство, има потребата од соодветно титлување и преведување на сите тие програми и во рамките на тоа нешто што е како еден вид вовед во една нова дејност на младите во која можат да се остручат и да ја работат, а која сосема јасно е потребна, со оглед на тоа што сѐ можеме да видиме во преводите на програми, серии, филмови – изјави проф. Никуљски.

Деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Драгана Кузмановска, изјави дека титлувањето е еден од поинтересните начини на користење на алатки и на насоката преведувачи и толкувачи на Филолошкиот факултет. Новите трендови според неа бараат кадрите кои ќе излезат од Филолошкиот факултет да ја имаат и таа способност, за да полесно се снајдат на пазарот на трудот. Технологијата брзо се развива, па и ние се трудиме да бидеме во чекор со таквите трендови.

Инаку, Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон 2018“ за македонски превод на сегмент на германското дело „Да се имаме еден со друг” од авторката Лујзе Мајер ја освои студентката Адријана Трајанова од Катедрата за германски јазик и книжевност, Филолошки факултет при УГД - Штип.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…