Документите за апликација на проектот вреден 10 милиони евра денеска ги потпишаа градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, ректорот на УГД - Штип, академик Блажо Боев и директорката на Центарот за развој на Источен плански регион, Драгица Здравева.
- Проектите се однесуваат во поглед на тоа да се изврши замена на постојните инсталации во нашите објекти на Универзитетот „Гоце Делчев“, во поглед на греењето за да можеме да ја намалиме емисијата на штетните гасови, бидејќи нашите котли сега работат на нафта за греење, а идејата е да се заменат со котли за користење на гас, кој ќе дојде во Штип - вели Боев.
Штипскиот градоначалник Бочварски вели во апликацијата учествуваат вкупно 16 институции кои се лоцирани во градот Штип.
- Доколку успееме да ги добиеме овие средства од организацијата ФАО, тоа е организација на Обединетите нации со седиште во Рим, којашто веќе има објавено повик за аплицирање, настапуваме како една сериозна целина. Штип е голем центар во источниот дел и токму поради тоа покажуваме капацитетност и интерес да аплицираме и верувам дека ќе бидеме сериозен конкурент - вели Бочварски.
Појаснува дека целиот проект ќе изнесува 10 милиони евра, од кои половина милион евра ќе бидат инвестиција на Општината во изработка на проектна и техничка документација.
- Останатите 9,5 милиони евра се грант од ООН преку овој Фонд со цел да дојдеме до намалување на емисиите на штетни гасови. Ова се состои во неколку конкретни мерки, а тоа се енергетски ефикасни фасади, потоа имаме фотоволтации за нашите објекти, згради, замена на сите котли коишто денеска се најчесто на нафта, а по промената ќе бидат или на гас или на друг енергенс - рече Бочварски.
Директорката на Центарот за развој на Источен плански регион Здравева вели дека доколку се прифати апликацијата, Штип ќе биде првиот и единствен зелен град во земјава.
- Значи, до 15 декември е потребно да се поднесе апликацијата, а по шест месеци наредната година ги очекуваме и првичните резултати - рече Здравева.
Штип, 10 декември 2019 г. (МИА)