Темата на завршната активност во Штип беше „Влијание на стереотипите за појава на дискриминација, говор на омраза и криминал од омраза“, а на неа, покрај студентите, учествуваа и доц. д-р Страшко Стојановски од Центарот за правно-политички истражувања на Правниот факултет при УГД, доц. Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ и заменикот на народен правобранител Елена Ѓоргоновска-Маневска. Претходно во рамките на целиот проект, кој беше поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Р.Македонија, беа организирани дебати, симулирано судење, истражување за говорот на омраза на интернет, а студентите на трите факултети направија и заедничко истражување за влијанието на стереотипите за појава на дискриминација , говор на омраза и криминал од омраза, со акцент на влијанието на етничката припадност. Истражувањето беше спроведено меѓу средношколци и студенти во Струмица, Штип, Тетово, Скопје, Виница и во Гостивар, а за темите воопшто од проектот говореше доц. д-р Страшко Стојановски и од аспект на говорот на омраза на интернет:
- Говорот на омраза е масовно присутен на интернет, иако има некои ретерирања за разлика од пред десетина години, кога најмногу го имаше на масмедиумите, а сега полека се отстранува од нив или барем се филтрира на нивните Фејсбук страници. Но, сѐ уште има доволно нерегулиран простор на интернет каде што овој говор на омраза е присутен, посебно на Јутјуб каналот – и преку објавените содржини, и преку коментарите. Се поставува прашањето каде е таа граница меѓу слободата на изразување и говорот на омраза. Тука треба внимателно да се постапува, се разбира, треба да се ограничи тој говор на омраза, но да не се наруши слободата на изразување. Ние имавме и одделни истражувања, секој факултет поединечно, а од заедничкото истражување на трите факултети за стереотипите и нивното влијание на појавата на говор на омраза произлегува дека стереотипите сѐ уште се силно присутни, има мали поместувања од 2000 г. до сега, но не доволно. На пример, во делот на стереотипите на Македонците кон Албанците има и позитивни, но преовладуваат негативните, а кај стереотипите на Албанците кон Македонците преовладуваат негативните. Карактеристично е што од страна на Албанците и од Македонците стереотипите кон турското малцинство се позитивни, а најнегативни се стереотипите кон Ромите. Треба да се надминат предрасудите, а треба да се делува превентивно, не репресивно. Често говорот на омраза и предрасудите доведуваат до криминал од омраза. Има повеќе основи за говорот на омраза, најмногу на етничка и религиозна основа, а најексплицитен е говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација, најмасовен врз политичка припадност. Постои сѐ повеќе говор на омраза врз основа на професионална ориентација и овде најмногу го има врз полицајците и новинарите.
Соработката на трите факултети, според доц. д-р Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, е во насока да се овозможи младите луѓе, студенти, идни академски граѓани во иднина да бидат расадник на толеранцијата и гласноговорници во општеството за превенирање на овие негативни појави:
- Во соработката со Правниот факултет во Штип, ние од Правниот факултет на УКИМ, секако и во соработка со Правниот факултет на ДУТ, презедовме низа чекори, пред сѐ, во насока на промоција на идејата за превенција на говорот на омраза, дискриминацијата и криминалот од омраза. Студентите беа активно вклучени во рамките на трибини, проекти, симулации на судења, сакајќи да влеземе во една интеракција со младите луѓе, студенти, идни академски граѓани кои во иднина ќе бидат расадник на толеранцијата и гласноговорници во општеството за превенирање на овие негативни појави. Мислам дека оваа соработка на трите универзитети навистина претставува една добра основа за тоа како треба да се вклучат повеќе чинители, со цел надминување на одредени проблеми, стереотипи и предрасуди околу прашања кои се од егзистенцијално животно битно значење за македонското општество, како точки на кои и во иднина ќе треба да работиме на нивно надминување. Ќе мора да се инвестира во образовниот систем, пред сѐ. Културата на однесување, на толеранција, почитување, ќе треба кај младите луѓе да се всадува, пред сѐ, од најрана возраст за да растејќи дојдеме во една ситуација на академско ниво да имаме повеќе или помалку профилирани здрави личности. Ние можеме да бидеме добри правници, економисти, техничари, но пред сѐ треба да бидеме добри луѓе, вистински граѓани, чесни, со искрени намери, кои ќе имаат желба да придонесуваат на вистински начин во општеството. Секако, овој проект, оваа соработка алудираше токму во оваа фаза на сегментот на едукација и образование, а од друга страна на моментот на добивање конкретни податоци од базата, истражувања кои не беа спроведени одамна. Еве успеавме во соработка на трите правни факултети да дојдеме до одредени, се надевам, битни емпириски податоци кои потоа ќе ни бидат параметар и водич за чекорите кои ќе следат во иднина. изјави доц. д-р Лазар Јовевски
На трибината учествуваше и заменикот на народниот правобранител од регионалната канцеларија Штип, Елена Ѓоргоновска-Маневска, која изнесе податоци за зголемување на бројот на претставки од граѓани за дискриминација.
- На народниот правобранител како државна институција, како национален механизам за заштита на човековите слободи и права, мандатот да ги заштитува граѓаните од дискриминација му е даден со новиот Закон за народен правобранител во 2003 г., по што следеше организирање на посебно одделение за заштита од дискриминација и правична застапеност, при што народниот правобранител постапува по поднесени претставки од граѓани кои се жалат на дискриминација од разна основа. Во текот на 2015 г. е зголемен бројот на претставки по однос на барања од граѓаните за заштита на правата од дискриминација, така што за разлика од 2013 и 2014 г., кога имавме поднесено по 20 претставки по однос на дискриминација и правична застапеност на етничките заедници, во текот на 2015 г. имаме веќе 45 претставки по различна основа. изјави Елена Ѓоргоновска-Маневска