Оваа награда има за цел да ги промовира македонскиот јазик и јазиците што се зборуваат во Република Македонија како наше културно наследство, да ја поттикне меѓукултурната размена меѓу службените јазици во ЕУ и јазиците во Македонија, но со силен акцент врз младите. Наградата има за цел да ги поддржи и охрабри младите литературни преведувачи, кои се подготвуваат да станат дејци во развојот, збогатувањето и зачувувањето на јазичната култура со Република Македонија, а со тоа и на културата воопшто. Пред студентите од Филолошкиот факултет конкурсот го претстави Огнена Никуљак од Здружението на преведувачи од Македонија:
- Ова е еден конкурс кој го работиме веќе трета година, делегацијата на ЕУ во Македонија заедно со Здружението на преведувачи на Македонија како една можност младите преведувачи до 26 години да се пробаат, она што го работат до која мера е добро, бидејќи го оценува стручна комисија прво преводот, па втора комисија и на крај се избира победникот. Она што е карактеристично за овој конкурс е тоа што може да се преведува од сите официјални јазици во ЕУ на сите јазици што се зборуваат во Mакедонија. И секогаш се доделува посебна награда за секој јазик кој се зборува во Македонија, а е направен превод за него. Ваква награда ни во европски рамки не постои, а кај нас ја поттикнува мултикултурноста и можност за сите млади да пробаат, да видат како функционира тоа, до која мерка се подготвени да бидат преведувачи и надградувачи на мултикултурноста кај нас и поврзување со мултикултурноста во ЕУ. Основните информации ги има на веб-страницата на Здружението на преведувачи на Македонија, како и на веб-страницата на ЕУ преку ЕУ инфо центарот во Скопје. Исто така, ние сме дојдени овде денеска пред студентите на овој млад факултет и Универзитет да им објасниме многу од работите, затоа што не сакаме технички проблеми да бидат пречка за учество на Конкурсот.
Информации за можноста за учество на конкурсот студентите на Филолошкиот факултет ќе можат да добијат и од своите професори на соодветните катедри, како и од продеканот за настава, доц. д-р Светлана Јакимовска, која вели дека ова е една извонредна можност студентите да си направат увид во сопствените можности, а истовремено и да конкурираат за награда:
- Оваа соработка е по иницијатива на Здружението на преведувачи во соработка со делегацијата на ЕУ во Македонија. Меѓутоа, поттикот за нашите студенти е огромен, затоа што сето она што ние им го нудиме на некој начин во теоретски рамки, преку вежбите навлегуваат помалку практично во областа на преведувањето, а ова е шанса да се опробаат како на ниво на познавање на двата јазика, така и на ниво на можности за размислување за една размена на културно ниво, значи размена на културите на јазиците кои ги изучуваат и нашата домашна македонска култура, и воедно можност да ја пробаат својата креативност на ова поле, кое нуди широки можности за себеисполнување и себедокажување.
Филолошкиот факултет со проектите кои ги реализира им посветува внимание на студентите од насоката Преведување и толкување, посебно во поглед на нивната пракса:
- Филолошкиот факултет има елан и желба да го стави акцентот на преведувачите, сакаме повеќе нивната пракса да биде во прв план. Досега немаа можност преку студиската програма да имаат пракса, но сега еве преку проектот со преведувачите од Словенија, како и со овој со Здружението на преведувачи на Македонија повеќе ги активираме и мотивираме студентите да си го најдат своето место во општеството и да придонесат како за Република Македонија, така и за проширување на сопствените видици, а секако и промовирање на Филолошкиот факултет и Универзитетот „Гоце Делчев“ и надвор од границите на Р.Македонија. изјави деканката на Филолошкиот факултет, доц. д-р Драгана Кузмановска