Модератор на дебатата во Штип беше Ана Јовковска, која истакна задоволство од посетеноста од страна на студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“, кои активно учествуваа во кампањата:
- Драго ми е што сме денеска во Штип, на Универзитетот „Гоце Делчев“ како дел од серијата дебати и трибини кои се во организација на Делегацијата на ЕУ и семејството на ООН. Состојбата во Македонија не е исклучок од тоа што ова е глобален проблем. Само за потсетување – 15,5 милиони жени во светот во следните 15-тина години доколку не се преземе нешто ќе бидат омажени без нивна желба, под присила. Статистиките покажуваат дека ако нешто не се преземе, до 2086 година во некои делови од Африка девојчињата нема да имаат пристап до средно образование. Македонија во поглед на процентот на високообразовани жени е некаде во европските стандарди, ако во Европа тоа е 50%, Македонија со 47 % е тука некаде, но каде се после тоа жените на водечки позиции, како деканки, ректорки, професорки, министерки и така натаму. Од политиката само 4 градоначалнички од 81 општина, а и министерки сѐ малку. Овие бројки се само показател во однос на родовата нееднаквост и дискриминацијата врз жената, а тие се предуслов за родово базираното насилство. Според некои податоци на невладиниот сектор, секоја петта жена во Македонија е жртва на физичко насилство, а секоја десетта на сексуално насилство, а само 23% од овие случаи се пријавени во полиција. Тоа значи дека овој проблем сѐ уште останува меѓу четири ѕида, а е проблем кој се однесува на функционирањето на целото семејство, но и на целото општество. Се надевам дека овие кампањи и трибини на некој начин ги кршат родовите стереотипи и не освестуваат сите во однос на родовата дискриминација. Насилството не се пријавува од неколку причини – прво срам, како тоа ќе го доживее околината, најблиските, потоа страв, а трето, и клучно според мене е недовербата во институциите, односно во тоа како законот или целата системска процедура ќе ја заштити жената која е жртва на насилство.
Активностите во рамките на оваа кампања имаат за цел да ја подигнат свеста и да поттикнат акција против семејното насилство како грубо кршење на основното човеково право од што на светско ниво страда секоја трета жена во текот на својот живот.
Видео