Денови на симулирано судење

Денови на симулирано судење се организираа на Правниот факултет во Штип, по првпат, со намера да станат традиционални и да се одржуваат секоја година во декември, и во иднина да имаат натпреварувачки карактер.

На двете симулирани судења кои денеска се одржаа во судницата на Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ учествуваа студенти од правните факултети на УГД - Штип, УКИМ - Скопје, УКЛО - Битола и Штуловиот универзитет од Тетово. На свеченото отворање на Деновите на симулирано судење се обрати ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, кој истакна дека секогаш ќе дава поддршка на сѐ што е во интерес на студентите, а таква е и оваа активност.

- Оваа активност е исклучително важна и Правен факултет одлично ја прави во насока на промовирање на важноста на учењето во делот на правните науки, во делот на симулираните судења, и мислам дека е исклучителна шанса за најдобрите студенти да се стекнат со практични искуства во делот на овие активности кои ги воведува правото. Ние располагаме со прекрасен објект во состав на Правниот факултет, тоа е симулирана судница, направена по сите стандарди, и се надевам дека денеска студентите ќе имаат убаво искуство од нашиот факултет .изјави ректорот проф. д-р Боев

Проф. д-р Лазар Нанев од Правниот факултет изјави дека целиот овој процес е многу важен од повеќе аспекти:

- Ова судење има основна цел да ги промовира знаењата и вештините, да создаде еден нов стил, нова култура, начин на однесување на студентите во судницата, преку подобрување на нивните говорни вештини, начинот на комуникација со странките, со судиите и на тој начин да доведе до еден нов пристап во кој ќе се гарантираат човековите права и слободи во судницата, развивање на независноста на судството и сѐ разбира подигање на нивото на демократските процеси во процесот на судење. Исто така, важна е и промоцијата на новиот Закон за кривична постапка, кој врз основа на англосаксонското право овозможува студентите да ги направат разликите помеѓу англосаксонското право и нашето кривично законодавство, бидејќи ние со донесувањето на новиот Закон за кривична постапка дадовме огромен придонес кон хармонизацијата на македонското со европското законодавство. Сите присутни во судницата денеска ќе имаат можност непосредно да ги спроведат посебните институти на директно и вкрстено испитување кои се клучната новина во новиот Закон за кривична постапка.Проф. д-р Лазар Нанев

Според продеканот за настава доц. д-р Олга Кошевалиска, симулираните судења се од голема важност за студентите:

- Значењето е огромно, затоа што студентите на овој начин практично успеваат да ги применат одредбите на Законот за кривична постапка, како и на Кривичниот закон, со што преку пракса, преку постојано вежбање успеваат да  го осознаат материјалот многу поинаку отколку кога би имале само подготовка и полагање на испити. Ова го правиме најмногу за студентите, за да можат да го зацврстат своето знаење и да бидат сигурни во себе кога ќе влезат во судница. Замислено е овие Денови на симулирано судење да се одржуваат еднаш годишно, во декември, да имаат натпреварувачки карактер меѓу сите правни факултети од државните универзитети и Универзитетот на ЈИЕ.изјави доц. д-р Кошевалиска

 

 

Последен пат изменето на Четврток, 10 Декември 2015 13:41
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…