Најдобриот млад научник за 2014 година, Даниел Денковски, одржа предавање на Електротехничкиот факултет при УГД.

Предавањето се одржа во рамките на серијата гостувања на најдобриот млад научник за 2015, кој ова признание го доби од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Целта на предавањата е да се промовира Јавниот повик за избор на најдобар млад научник за 2015 година, кој е отворен до 31 декември годинава. Домаќин на денешното предавање беше Електротехничкиот факултет на УГД. Деканката проф. д-р Татјана Пачемска изјави:

- Ние сме домаќини на еден извонредно убав настан, да го претставиме и слушнеме предавањето на најдобриот млад научник за 2014 м-р Даниел Денковски, кој е добитник на Националната награда што ја доделува Претседателот на РМ. Оваа година наградата беше доделена од областа на техничките науки, посебно сегментот за телекомуникации. Работата во правецот на промовирање на младите научноистражувачки кадри оди во нагорна линија. Традицијата што ја започна претседателот на РМ и наш колега, Ѓорге Иванов, е за поздравување. Се надеваме дека таа традиција ќе продолжи, особено во мотивацијата на младите научноистражувачки кадри, кои продуцираат научни и иновативни идеи кои се видливи и препознатливи на европскиот и светскиот истражувачки простор, да бидат промовирани и мотивирани, и нашата држава да им даде признание.

 

Најдобриот млад научник за 2014 м-р Даниел Денковски има учество како соработник во пет европски FP 7 проекти и еден НАТО проект. Денковски е добитник на две награди, коавтор на еден патент, две поглавја од книги, осум објавени труда во списанија со импакт фактор, три објавени труда во списанија без импакт фактор и 33 труда презентирани на меѓународни и домашни конференции:

- Сакам да истакнам дека наградата најдобар млад научник за 2014 беше мотивација и чест да ја примам и исто така да продолжам со мојата научноистражувачка работа и во 2015 година. Знаеме дека телекомуникациите брзо се движат, јас истражував во областа на безжични и мобилни комуникации, знаеме колку напредува оваа област – додека пред десет години имавме 2 г, сега имаме 4 г и одиме кон 5 г. Истражувањата во мобилните мрежи се движат многу бргу. Интерес за овие истражувања има многу, можеби повеќе во странство отколку кај нас, но во секој случај, предизвик е да се истражува.

Најдобриот млад научник за 2014 беше примен и од ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, при што ректорот изрази подготвеност и отворени врати на УГД за ангажирање на најдобрите млади научници во државата.

Последен пат изменето на Понеделник, 21 Декември 2015 10:07
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…