Стела Слејанска-Стојаноска беше еден од основачите на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип и основач на Музичката академија при истиот Универзитет. Инаку, ова е прва монографија напишана за еден македонски пијанист во Р. Македонија. Со организацијата на оваа промоција семејството Стојаноски ја продолжува традицијата започната пред три години, на 12 декември – денот на роденденот на Слејанска-Стојаноска, под негово покровителство да се организира настан во чест на оваа култна личност на културата на македонскиот дваесетти и дваесет и први век.
Промотори на монографијата за Слејанска-Стојановска, доајен на македонската пијанистичка уметност и истакнат универзитетски професор, беа проф. Викторија Коларовска-Гмирја и проф. Тодор Светиев, а делови од ова капитално дело коешто го претставува севкупниот уметнички, научен и педагошки опус на Слејанска-Стојаноска читаше еминентниот актер Мите Грозданов.
Рецензентот Ѓорѓи Стојаноски ќе истакне:
„Монографијата не го претставува само уметничкиот пат на првиот македонски пијанист кој се оформуваше во Париз и се врати во татковината за да го даде токму она што недостигаше кај нас, туку и значењето на многу други творци и репродуктивци. Големиот број документи, податоци и сведоштва за животот и делото на Слејанска-Стојаноска даваат основа за изградба на овој многу скапоцен труд – книга којашто ја заслужува поддршката да стане достапна за нашиот музиколошки интерес, научната и културна јавност, бидејќи е посветена на пропагаторот на современиот звук, еден од заслужниците кој остава неизбришливи траги во нашето културно живеење“.
Во рецензијата за монографијата за пијанистката којашто ја донесе „современата“ Франција во Македонија, но и ја однесе македонската музика во Франција, проф. Светиев забележува:
„Избирајќи ја Стела Слејанска-Стојаноска како личност на која ѝ е посветена оваа монографија, авторот Христо Стојаноски се осврнува на дејноста на еден наш еминентен музички уметник, со извонредно богата домашна и меѓународна професионална кариера, кој се јавува како извонредно значаен претставник и промотор на пијанистичката уметност кај нас. Со изработката на ваква монографија се остава траен документ што ќе го потврди континуитетот на македонските културни вредности и традиција. Нема сомнение дека ваквите трудови се од посебно значење за пополнување на недоволно истражените делови од македонската музичка историја за кои не постои систематизирана документација. Оттука, напорот на авторот Христо Стојаноски да обезбеди обемна документација за овој труд заслужува особена почит. Пишувана во јасно препознатлив стил, авторот Христо Стојаноски ја прави книгата читлива и интересна не само за стручната јавност, туку и за широк круг читатели кои ќе можат да сознаат многу детали за културниот живот и музичката традиција на Македонија и посебно за ликот и дејноста на Стела Слејанска-Стојаноска. Појавата на трудови од ваков профил заслужува безрезервна поддршка од нашата културна јавност, бидејќи, покрај научната и музиколошката вредност, носат сведоштва и благородни пораки како за професионалните музичари така и за многубројните љубители и почитувачи на музиката“.
Во својот говор, промоторот проф. Викторија Коларовска-Гмирја истакна:
„Стела Слејанска-Стојаноска беше интерпретатор – оној што ги изведува делата, ги отелотворува туѓите замисли, им дава дух. Ги пресоздава, озвучува, става во одреден контекст. Го поседуваше мајсторството, ја имаше визијата. Ја реализираше дарбата што ја носеше во себе и го изоди патот за да стане таа – пијанистот Стела Слејанска-Стојаноска. Нејзиниот пат во пијанистичката уметност ни оддалеку не беше лесен – беше полн со предизвици, со раскрсници, со барања за донесување самостојни и ризични одлуки, за некогаш сепак да ја награди со директното простирање под нозете...“