Трката е со наслов „Со велосипед на факултет“, а идејата е студентите до факултет и назад да користат велосипед, со што значително ќе влијаат на своето здравје и на здравјето на другите луѓе преку заштита на животната средина.
Настанот е предвиден за 27 март (недела), од 10 до 14 часот. Велосипедистите ќе продефилираат на неколку клучни точки низ градот и низ сите објекти на Универзитетот „Гоце Делчев“, со цел да пратат порака за што почеста употреба на велосипеди. Покрај ова, Универзитетот ќе постави паркиралишта за велосипеди на сите свои кампуси и објекти.
Планирани се три трки: натпреварувачка, рекреативна и јуниор. Првата трка ќе биде 35 километри, втората 15, а третата трка околу 3 километри.
Од УГД се надеваат дека оваа трка ќе стане традиционална и дека поголем дел на студенти и млади луѓе ќе се вклучат во неа. Учеството во оваа трка ќе биде отворено за сите, а повикот за пријавување ќе биде објавен по 15 февруари.