Еден од повеќето сервиси кои се имплементирани во рамките на електронскиот индекс е сервисот за електронска комерција, кој посебно и значително се издвојува, а преку него студентите имаат можност своите финансиски обврски кон Универзитетот да ги реализираат на едноставен и брз начин.
Традиционалниот начин на плаќање, кој во минатото беше единствениот начин на плаќање од страна на студентите, генерално е неефикасен и со себе носи огромен број проблеми, ако се земе предвид фактот дека уплатите што се реализираа од страна на студентите доцнеа по неколку дена за да бидат префрлени на Универзитетот. Големо влијание за ваквиот начин на функционирање има и веројатноста за можна грешка предизвикана од човечки фактор при процесирање на уплатите, имајќи го предвид големиот број на буџетски сметки, потсметки и приходни шифри на кои треба да се внимава при процесот на плаќање.
Ваквиот начин на плаќање се реализира преку процесирање на изготвени финансиски налози од страна на студентите во некоја од комерцијалните банки во Република Македонија или во пошта, за што постои и временско ограничување кога може да се реализира плаќањето, како и од националниот механизам за платен промет во текот на еден работен ден.
Со текот на времето сѐ повеќе растеше незадоволството од страна на студентите, кое не беше насочено кон целокупниот систем, туку кон проблемите со кои се соочуваа студентите при реализацијата на нивните уплати. Често се манифестираа проблеми при комплетирање на нивните студентски административни активности, проследени со пропуштање на дефинираните рокови за реализација на таквите активности.
Имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваа студентите при процесот на реализација на нивните уплати низ призмата на студентскиот информативен систем, како и посветеноста на целиот Универзитет за зголемување на ефикасноста и ефективноста на услугите што ги нуди кон сите корисници преку примена на нови и модерни технолошки иновации во глобални рамки, задолжително беше поставена целта за изнаоѓање на поинаков начин со кој ќе бидат решени проблемите на студентите во делот на процесирање на финансиските уплати.
По направената анализа и истражувањето на механизмите за наплата, кои се користат на територијата на Република Македонија и во поблискиот регион, се пристапи кон развој и имплементација на сервис за електронска комерција за потребите на студентите. Целиот процес на имплементација беше проследен со огромна логистичка и техничка поддршка од страна на Уни банка во Скопје, банка преку која се реализираат уплатите на студентите.
Воведувањето на ваквиот процес на наплата ги надмина постојните бариери и проблеми со кои се соочуваа студентите, овозможувајќи им на брз и едноставен начин целосно електронско плаќање со користење на платежна картичка издадена од која било банка во Република Македонија или во странство, притоа имплементирајќи ги највисоките стандарди во информатичко-комуникациската технологија со цел обезбедување на сигурен, доверлив и стабилен сервис за крајните корисници. На овој начин студентите имаат можност постојано (24/7), во текот на целата година, да реализираат плаќања кон Универзитетот и воедно во истиот момент уплатените средства да се пренесуваат на нивната сметка во рамките на електронскиот индекс и веднаш да бидат достапни за користење од нивна страна при процесот на студирање. Покрај решавањето на проблемите со кои се соочуваа студентите во минатото, во однос на процесот на пренос на уплатените финансиски средства, значаен фактор на зголемување на квантитативноста на користењето на ваквиот сервис е фиксната провизија од 1,6%, која се пресметува на вкупните средства кои се предмет на уплата преку сервисот за електронска комерција.
Во двата графикони што се прикажани подолу може да се забележи огромниот раст на користењето на модулот за електронска комерција од страна на студентите, од јули 2013 година заклучно со 2015 година. Како што може да се забележи во графиконот 2, процентот на трансакции што се реализираат на годишно ниво преку електронска комерција постојано се зголемува и во 2015 година истиот изнесува приближно 90% (88,52%) од вкупниот број на трансакции што студентите ги реализираат кон Универзитетот во текот на една календарска година. Се очекува ваквиот тренд на користење на сервисот за електронска комерција да продолжи и во иднина, што ќе придонесе да се зголеми процентот на трансакции кои ќе се реализираат користејќи го ваквиот сервис во однос на вкупниот број на трансакции, а во насока на зголемување на ефикасноста и ефективноста на активностите кои ги реализираат студентите преку студентскиот информативен систем.
Графикон 1. Типови на трансакции на годишно ниво во апсолутна вредност
Графикон 2. Типови на трансакции на годишно ниво во процентуална вредност
Имплементацијата на процесот на електронска комерција предизвика голем број позитивни критики и задоволство кај крајните корисници, од причина што проблемите со кои се соочуваa студентите во минатото се комплетно надминати, притоа овозможувајќи лесен, едноставен и брз начин за реализација на потребите. Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип во изминатите години во соработка со Уни банка во Скопје, преку низа на различни маркетинг активности, придонесе за зголемување на свеста на студентите при користењето на сервисот за електронска комерција, а воедно студентите можат да се здобијат со потребната доверба и сигурност во користењето на сервисот.
Може да се заклучи дека стратегиската определба на Универзитетот за имплементација на сервис за електронска комерција навистина вроди со потребните резултати. Воедно ја оствари целта во корист на студентите кои се корисници на ваквиот тип на сервис, во насока на решавање на проблемите со кои се соочуваат, со начинот на реализација на нивните уплати и користење на истите во процесот на комплетирање на административните активности во однос на процесот на студирање. Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип ги охрабрува сите студенти, од сите циклуси на студии, масовно и континуирано да го користат сервисот за електронска комерција, кој обезбедува доверлив, лесен, едноставен и навремен начин на користење.