Овие студенти предложија проекти, по што беа на интервју со раководителот на проектот од Германија, а стипендиите се во тесна врска со резултатите и постигнувањата во текот на студиите. Освен стипендиите за овие студенти на ФМН, придонес во проектот и бенефит од него имаа и дел од стручниот кадар на Факултетот за медицински науки. Така, асс. м-р Викторија Максимова доби стипендија за двомесечен научен престој, а минатата година таа освои прва награда за најдобра усна презентација на годишниот конгрес на ДААД. Оваа година доц. Билјана Балабанова, доц. Сања Костадиновиќ и проф. Виолета Иванова реализираа повеќе научни престои во рамките на проектот.
Проектот е активен веќе 11 години и е еден од најдолго финансираните проекти на Фондацијата ДААД, со буџет над милион евра. Учесници во проектот покрај УГД се и ПМФ при УКИМ - Скопје, Универзитетот во Тетово, Универзитетот во Ниш, Универзитетот во Приштина, Универзитетот во Клуж (Романија) и Универзитетот во Лајпциг (Германија). УГД - Штип е учесник од 2011 година, а досега во рамките на овој проект 50-ина студенти од Факултетот за медицински науки и од Земјоделскиот факултет добија различен тип стипендии. Покрај нив, 20-ина вработени професори, асистенти и докторанди од УГД реализираа повеќемесечни престои во голем број научни центри што се во мрежата на овој проект. Освен тоа, со учеството во проектот УГД - Штип доби вредна опрема за научноистражувачка работа. Во рамките на проектот секоја година се организираат голем број работилници и еден завршен годишен научен конгрес. Минатата година на годишната конференција на фондацијата ДААД овој проект беше награден како најуспешен проект за вмрежување на универзитетите во Европа. Проектот завршува во декември 2016 година, а раководител на проектот од УГД е деканот на Факултетот за медицински науки проф. д-р Рубин Гулабоски.
Повеќе информации за проектот може да се најдат на следнава веб-страница: