- Ние сме две братски земји и имаме високо мислење за соработката со Р. Македонија, се стремиме за развој на таа соработка во што повеќе области, вклучувајќи го и образованието. Имаме многу добри контакти на ниво на министерствата за образование, како и директни соработки меѓу различни универзитети и високообразовни институции од двете држави. Затоа целта на мојата денешна посета во вашиот убав град и на Универзитетот „Гоце Делчев“ е токму разгледување на натамошната соработка и нејзино продлабочување. Универзитетот „Гоце Делчев“ има стабилни и разновидни врски со многу универзитети во Руската Федерација и Амбасадата има намера да помага во натамошно продлабочување на тие врски. Денеска ги разгледувавме можностите за изучување на рускиот јазик, за организирање на заеднички изложби, конференции, семинари. Благодарен сум им на ректорот и на проректорот за настава, за можноста да се сретнеме и со раководството на Филолошки факултет и Ликовна академија. Убеден сум дека тие средби не само што ќе бидат корисни, туку ќе дадат дополнителен поттик на развој на односите меѓу нашите две земји во областа на образованиетоизјави амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, н.е. Олег Шчербак.
Ректорот Боев изрази задоволство од средбата со амбасадорот Шчербак и разговорот за досегашната соработка и плановите за во иднина:
-Ние како Универзитет имаме долга традиција во соработката со Руската Федерација, тие традиции и понатаму ќе ги зачуваме и развиваме во поглед на образованието, науката и културата, духовните врски и она што нѐ зближува со рускиот народ, бидејќи станува збор за народи кои имаат слична култура и историја и се многу блиски. Универзитетот ќе ги одржува и зацврстува тие врски во развојот на односите со Руската Федерација. Со тоа ќе придонесеме нашите студенти да добијат што поквалитетно образование, да се отворат кон рускиот пазар, кон трговските релации кои сѐ повеќе се зајакнуваат, да можат на тој пазар да работат, да најдат работно место, да пласираат свои производи и знаење, бидејќи не треба да заборавиме дека тоа е држава која држи два континента. Мислам дека овие традиционални врски со Руската Федерација за овој Универзитет претставуваат исклучителна можност и предизвик за иднината. Од страна на амбасадорот беа покренати многу прашања во поглед на таа идна соработка, во делот на обезбедување на стипендии за наши докторанди и постдипломци на универзитетите во Русија, а од друга страна се разговараше и за активности во поглед на промоцијата на културата и рускиот јазик во рамките на Универзитетот, и се сложивме оваа соработка да ја интензивираме во наредниот период, за што ќе разговараме уште поконкретно веќе на следната средба со амбасадорот, која ќе се случи многу бргу изјави ректорот Боев.
Амбасадорот Шчербак изјави дека Амбасадата на Руската Федерација во Р.Македонија деновиве веќе го објавила Конкурсот за доделување на 35 стипендии за студирање во Руската Федерација, како за додипломски така и за постдипломски студии. Тоа е многу битно, бидејќи станува збор за подготовка на специјалисти од сферите кои се многу барани. Амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија ги посети и Филолошкиот факултет и Ликовната академија, каде што се сретна со професорите од Русија Игор Егоров и Викторија Егорова.