УГД и Министерството за животна средина ќе реализираат проекти за заштита на животната средина

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Министерството за животна средина и просторно планирање потпишаа Договор за соработка и финансирање на проектите „Персонална експозиција на респирабилни цврсти честички на урбаната популација во Скопје и Тетово“ и „Мониторинг и мапирање на нивото на бучава во урбани средини“.

Договорот го потпишаа Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев, при што министерот Изаири изјави дека со соработката со УГД се оди чекор понапред во заштитата на животната средина:

Со соработката со УГД ние придонесуваме кон еден чекор понапред, кон подобрување на животната средина и, се разбира, дека нашиот ангажман и соработката со научните институции кои ние ги цениме многу ќе продолжи и понатаму и ќе се поддржат сите иницијативи и сите добри проекти кои ќе произлезат, а такви ги има на Универзитетот „Гоце Делчев“ и јас сум задоволен што денеска го потпишавме овој Договор и дека ќе продолжиме со ваквите проекти. Денеска имаме проект кој ќе врши анализи на пм честичките на урбаните средини Скопје и Тетово. Вие знаете дека во последните години неколку градови во Македонија беа со голем индекс на загадување и веќе имаме некои анализи, но анализите на УГД ќе придонесат многу околу понатамошните постапки кои државата, локалните власти, сите ние ќе треба да ги преземеме. Овој договор е за Тетово и за Скопје, но нашата соработка со УГД ќе продолжи и понатаму, за сите градови, и кога ќе имаме дополнителни средства ние ќе ги направиме и за другите градови во државатаизјави министерот Изири

Според изјавата на ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев, ресурсите и капацитетите на УГД ќе бидат максимално ставени во функција на потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање, пред сѐ поради подобрување на условите во животната средина за граѓаните:

Ние оваа посета ја цениме во еден висок приоритет во однос на она што УГД го работи во оваа област во континуитет  од неговото основање. Ние имаме соработка со Министерството за животна средина во поглед на оние состојби кои се случуваат во животната средина, кои се важни од наш интерес, бидејќи одредени активности во делот на истражувачки активности ги правиме и на други нивоа. Со потпишување на овој договор ние буквално заедно со други универзитети влегуваме во една програма што Министерството ја прави во иднина, а тоа е поголемо вклучување на универзитетите и научните установи во она што значи животна средина и подобрување на условите во неа за граѓаните. Ние од своја страна како Универзитет имаме исклучително квалитетна опрема, лаборатории, кадар и знаење во оваа област и дејствуваме во таа насока. Јас слободно ќе најавам дека во оние средини каде што е УГД, а тоа е Југоисточна Македонија, ќе ја развиеме телеметриската мрежа и ќе ги дадеме информациите и податоците од нашите станици кои ги имаме на Министерството, и ќе помогнеме максимално во поглед на зајакнување на капацитетите на Министерството за животна средина и ќе придонесеме за неговите врски со универзитетите и научните установи во Р. Македонија.изјави ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев

Според изјавата на раководителот на теренската лабораторијата за работна и животна средина проф. д-р Дејан Мираковски, Универзитетот „Гоце Делчев“ и досега правеше анализи за животна средина во лабораториите што ги има, но со овие проекти уште повеќе ќе се придонесе за подобра основа за мерките што ќе ги презема соодветното Министерство во иднина.

Се работи за два проекта во кои имаме анализа на персоналната експозиција на населението во два града на цврсти респирабилни честички. Проектот треба да обезбеди една слика за тоа колкава е реалната изложеност на населението во различни активности – при движење со јавен превоз, со сопствени возила, со велосипед или пеш – нивната изложеност на амбиентални честички. Овие мерења ќе вклучат долготрајни мерења на големи групи од населението и ќе ни овозможат да видиме дали постои голема разлика меѓу амбиенталната концентрација и концентрацијата на која реално се изложени луѓето. Ние сакаме со овој проект  да му овозможиме на Министерството да донесува мерки во правец на непосредна заштита на населението во услови на поголема загаденост, да има попрецизни информации. Избрани се двата града, Скопје и Тетово, како репрезенти на поголемо загадување и поради нивната специфичност. Се надеваме дека ќе ја продолжиме и надградиме оваа соработка. Веќе градиме мрежа која во скоро време ќе биде активна, со инструменти ќе го покриеме целиот југоисточен регион. Ова е долготраен проект што ќе трае најмалку една година.изјави раководителот на теренската лабораторијата за работна и животна средина проф. д-р Дејан Мираковски

Според државниот секретар за животна средина, проф. д-р Соња Лепиткова, лабораториите и капацитетите на УГД и досега ја потврдија својата оправданост, што само уште повеќе ќе се потврди со проектите кои следуваат:

Министерството оваа година донесе одлука да ги поддржи научните институции и установи. Универзитетот ќе учествува со своите капацитети, а на овој начин УГД покажува дека инвестициите што ги направи и во материјални и во човечки ресурси за јакнење и акредитација на лабораториите во сите сфери на животната средина ги даваат резултатите и веќе е препознаено и од министерствата и надвор од државата. Ние како Министерство ќе продолжиме да ги поддржуваме нивните напори, затоа што веруваме во тие резултати, во нивните анализи и нашата основна цел е поддршка на научната заедница и доказ дека Р. Македонија во тој правец се движи во вистинска насока и понатаму лабораториите што се набавија ќе бидат од исклучителна важност да ги покажат сите свои капацитети со овие проектиизјави Лепиткова
Последен пат изменето на Четврток, 24 Март 2016 16:07
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…