Предавањето беше дел од Наставната програма по предметот Маркетинг на пазарот, под менторство на проф. д-р Елизабета Митрева, а истото го одржаа сопствениците на брендот Ненад Пантовиќ и Крис Поповски, со цел да ги споделат позитивните искуства за успешната приказна на оваа компанија. Инаку Ненад Пантовиќ е студент на Факултетот за туризам и бизнис логистика при УГД.
Студентите имаа можност изворно и многу сликовито да слушнат за развојот на оваа компанија, со сите замки и препреки на тој пат, но и искористување на можностите преку креирање сопствен македонски бренд - Сињори, а што обезбедија конкурентност на македонскиот и на европскиот пазар.
Сињори е компанија која е основана во 2014 год. со основна дејност дизајнирање и производство на машки костуми по мерка. Тајната за изработка на добар костум, како што истакнаа сопствениците, најпрво лежи во нивната меѓусебна комуникација, клиентите и заедничкото креирање на крајниот производ. Најбитниот дел при креирањето на костумот е правилниот крој и правилната изработка. Кристијан и Ненад секогаш создаваат свои креации направени по мерка за сопствениците за презентирање на престојната колекција, бизнис-колекцијата, смокинг и лежерната колекција. Нивните следни предизвици се проширување на брендот надвор од границите на нашата држава. Тие имаат салон и во Кембриџ. Во блиска иднина планираат нивниот бренд да се најде на пазарот на соседните земји, како Србија и Косово, преку интернет-продажба, бидејќи интересот за нивните производи сѐ повеќе и повеќе расте. Бариерите што сакаат да ги урнат е да станат светски препознатлив бренд - велат дизајнерите.