Организатор на овој фестивал беше Институтот за филм – Филмска академија Охрид, која е придружна членка на УГД, а учество земаа студенти од филмски академии од Македонија, како и од други држави. Во трите фестивалски денови, покрај проекциите на студентските филмови, се одржаа и воркшопови на кои пред студентите свои излагања имаа реномирани филмски работници, а една од темите беше „Како да започнам и финансирам филмски проект“. Наградите на фестивалот ги одредуваа студентите, со гласање, чиј принцип беше според емоцијата која ја предизвикува филмот (всушност, тоа е и мотото на фестивалот – филмот е емоција, почувствувај ја емоцијата).
Наградени филмови од Филмската академија на УГД се „Сивата шума“ – сценарио и режија Горги Лазов, а екипата која работеше на филмот е Викторија Лазова, Ангела Јосифовска, Александар Вренцоски, Горазд Радески и Трајче Миланов (студенти во втора година) и филмот „Страв, суеверие и слики“ на Димитар Јанкоски, кој работеше со екипата од студентите во прва година – Николче Марковски и Димитар Спировски.
Останатите филмови кои учествуваа во официјалниот дел на фестивалот беа „Капки“, „Енигма“ и „Разголување на душата“. Од Филмската академија на фестивалот учествуваа 15 студенти од насоките Филмска режија, Филмска монтажа, Филмска продукција и Филмска музика, заедно со стручниот соработник Марија Џиџева. Во рамките на фестивалот се одржа и музичка програма, во која настап имаше и Тони Китановски трио.