Осма Туристичко-гастрономска изложба на ФТБЛ во Гевгелија

Факултетот за туризам и бизнис логистика по осми пат во Гевгелија ја одржа традиционалната Туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот. Изложбата се одржа во Хотел „Аполонија“, каде што  учествуваа студентите на ФТБЛ, а ја проследија и голем број граѓани на Гевгелија.

Изложбата оваа година се организира по осми пат, а ја организираат студентите. Во основа се состои од изложување на стари традиционални предмети, експонати кои посетителите можат да ги видат и за момент да се вратат во нашето минато и во нашата историја, а во другиот дел на изложбата се претставуваат традиционални специјалитети, храна, која е карактеристична за нашето поднебје. Најважно е дека сите специјалитети кои беа изложени се дело на студентите и се подготвени во нивните домови. Со секоја година имаме сѐ повеќе посетители, како традиционален настан оваа изложба предизвикува интерес не само кај граѓаните од Гевгелија, туку и од соседните места – изјави проф. д-р Марија Магдинчева-Шопова од Факултетот за туризам и бизнис логистика во Гевгелија.

На свеченото отворање говореа и студентите, кои се заблагодарија на факултетот и на професорите што им помогнаа и ги поддржаа во организацијата на изложбата, како и на Хотел „Аполонија“, ветувајќи дека ќе продолжат да ја негуваат оваа традиција. Деканот на ФТБЛ, проф. д-р Никола Димитров, изрази задоволство од посетеноста на изложбата, но и до локалната заедница на Гевгелија, која му дава поддршка на Факултетот за туризам и бизнис логистика и на Универзитетот „Гоце Делчев“:

- Стратегијата и желбата на Универзитетот „Гоце Делчев“ е да се проширува, па во догледно време се очекува и да се отворат и нови студиски програми. Објектот во кој сега се наоѓа факултетот го овозможува тоа и се планира да се збогати со содржини, лаборатории и кабинети кои ќе бидат во насока на подобри услови за студентите. Нашата локација не е случајно во Гевгелија, затоа што е дел од овој регион и има потенцијал за зголемување на бројот на студенти, не само од областа на туризмот, туку и од другите области. Факултетот моментално има над две илјади студенти, од кои дел се во овој кампус во Гевгелија.

Проф. Магдинчева-Шопова им се заблагодари на сите студенти кои се вклучија во организација и реализација на изложбата, но и на сите други субјекти кои ја помогнаа изложбата.

Гевгелија како развиен туристички и бизнис центар, град кој е на портите на Европа, е седиште на еден од најдобрите факултети – Факултетот за туризам и бизнис логистика. Токму овде се изучуваат заедно и туризмот и бизнисот, кај нас се образоваат идните кадри кои стекнуваат нови знаења, вештини и способности – рече проф. Магдинчева-Шопова.

 На манифестацијата настапија и членовите на Фолклорниот ансамбл за традиционална музика и ора „Мегдан“ од Богданци.

Последен пат изменето на Четврток, 28 Април 2016 09:02
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…