Промовирана книгата „И животот е сексуално пренослив“ на проф. д-р Вело Марковски

„И животот е сексуално пренослив“ е насловот на најновата книга на проф. д-р Вело Марковски, специјалист инфектолог, кој е вработен на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Според проф. д-р Марковски, сексуално преносливите заболувања се многу чести инфекции со огромни последици за здравјето на човекот од една страна, но и големите економски трошоци за лекување на овие болести и нивните импликации, кои секако оставаат сериозни последици и врз психолошката состојба и емоционалниот и социјалниот живот на заболениот.

Потребата посебно да се проучуваат сексуално преносливите заболувања не е нова и многу медицински факултети во своите наставни содржини вметнуваат вакви содржини и предмети, а тоа го прави и Факултетот за медицински науки при УГД. Огромната присутност на сексуално преносливите болести со над 500 милиони новоинфицирани годишно и огромното влијание на морбидитетот и морталитетот од една страна, мултидисциплинарната покриеност на сексуално преносливите инфекции, од друга страна, се причините што во развиените држави сексуално преносливите болести се проучуваат како посебна целина во склоп на медицинските науки - еден од мотивите за проф. д-р Марковски да се зафати со подготвувањето на оваа книга.

 

Промоторот на книгата, деканот на Факултетот за медицински науки проф. д-р Рубин Гулабоски, истакна дека е фасциниран од тоа колкава енергија, внимание и искуство се вложени во книгата и како на еден едноставен, но систематски начин се опишани сите важни работи за областа. Требало огромно искуство сите сознанија за оваа област да се соберат во една ваква книга од околу 200 страници, која Вело Марковски комплетно, дури и од технички аспект сам ја подготвил.

Рецензенти на книгата се еминентните професори Глигор Димитров, Никола Пановски и Милка Здравковска.

Професор Никола Пановски книгата ја оценува како извонредно стручна, но напишана на начин за да ја разбере секој:

- Интересна книга, која може поширок круг на читатели да ја разберат, каде што се зборува за анатомијата на гениталните органи, исполнета со многу интересни податоци, напишана со лесен стил и збогатена со многу убави илустрации и фотографии. Може да им служи на студентите и многу е значајно што на едно место се дадени сите болести. На Медицинскиот факултет во Скопје нема ваков предмет, убаво е што на УГД е воведен таков предмет, во една целина да се изучуваат сексуално преносливите заболувања од разни аспекти. Вело Марковски имаше еден учебник кој е директно наменет за струката, овде е малку поширок и насловот го кажува тоа – храбар наслов во секој случај, а и внатре има доста нешта кои се кажани многу храбро за нашето балканско поднебје – изјави рецензентот проф. Никола Пановски.

Последен пат изменето на Среда, 04 Мај 2016 10:11
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…