Целите на летната школа се:
- Подобрување на знаењата во доменот на човековите права, ефикасни институции, ефикасно носење на политички одлуки, кривичното право и моделите за добро управување и меѓуетнички односи;
- Подобрување на вештините за ефикасно препознавање на клучните предизвици во областа на човековите права и кривичното право и предлагање на модели за нивно надминување;
- Зголемување на чувствителноста и свесноста на студентите за прашањата кои се однесуваат на антидискриминацијата, намалувањето на говорот на омраза, феноменот на криминал од омраза и почитувањето на етничката, јазичната и религиозната различност;
- Развивање на вештини за критичко размислување во процесот на учење на предмети во областа на правните и политичките науки и социологијата;
- Вмрежување меѓу студентите од различни правни факултети, како потенцијал за идни активности иницирани од нивна страна во коишто може да се јават како носители на истите;
- Кумулација и трансфер на ЕКТС кредити меѓу универзитетите.
Целна група се студенти на прв циклус редовни студии на државните и приватните правни факултети во државата.
Вкупно ќе се изберат 50 студенти од кои 15 студенти од Универзитет „Гоце Делчев” – Штип, 15 студенти од Државен универзитет во Тетово и 20 студенти од останатите правни факултети во рамките на државните и приватните универзитети.
Летната школа ќе се одржи во периодот 21-27 јули 2016 година, во времетраење од 7 дена, во Хотел „Климетица“ во Охрид. Работни јазици се македонски и албански јазик, со задолжително основно познавање на англиски јазик. Ќе биде обезбеден симултан превод на македонски и на албански јазик за време на предавањата.
Летната школа ќе обработува теми поврзани со човековите права, меѓу кои заштита од дискриминација, говор на омраза и криминал од омраза, права на жените, децата и лицата со попреченост, право на работа, како и теми поврзани со кривичното материјално и процесно право.
Сите заинтересирани студенти можат да се пријават пополнувајќи пријава за учество која е достапна на следниов линк: http://goo.gl/forms/I6XdvTchcR, вклучително и писмо за мотивација (не подолго од една страница). Рокот за доставување на апликации е 20 мај 2016 година.
При пополнување на пријавата студентите треба да изберат за која секција аплицираат, човекови права или кривично право, соодветно означувајќи ги со броевите (1) и (2) според преференца [повеќе посакуваната секција треба да биде означена со бројот (1), а вториот избор со бројот (2)]. Организацискиот одбор ќе изврши селекција на пријавените студенти врз основа на следниве критериуми:
- да се студенти на прв циклус редовни студии на правните факултети во државата, државни или приватни;
- да се во можност да учествуваат за целото времетраење на летната школа;
- да покажат интерес за темите и лична мотивација (преку писмо на мотивација);
- да достават комплетна документација (целосно пополнет формулар за учество и писмо за мотивација);
- да имаат основно познавање на англискиот јазик.
Одборот воедно ќе ги земе предвид и следниве критериуми за инклузивност:
- еднаква родова застапеност;
- етничка и културолошка различност;
- географска застапеност.
Забелешка: При процесот на селекција може да се земе предвид и просечниот успех на студентот.
Трошоците за транспорт, сместување и храна за учесниците, како и трошоците за работни материјали ги сносат организаторите на летната школа. Лице за контакт: Дениза Бундалевска, е-пошта: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Целосниот повик за учество во летната школа може да се најде на овој линк.