Одбележан Денот на Европа

Денот на Европа - 9 мај беше одбележан на Универзитетот „Гоце Делчев“, со промоција на изданијата на Центарот за правно-политички истражувања на Правниот факултет. Беа промовирани книгите „Од милет до нација, создавање на нациите и национализмите на Балканот“ од проф. д-р Страшко Стојановски, чиј промотор беше проф. д-р Марија Ташева, „Односот меѓу вредностите и политиките на Европската унија низ призмата на нејзината надворешна политика“ од доц. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, промотор доц. д-р Олга Кошевалиска, и книгата „Зошто идеологијата е важна“ од група автори, како и зборниците од Првата и Втората меѓународна научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“, кои во 2014 и 2015 година се одржаа на Правниот факултет, чиј промотор беше деканот на Правниот факултет проф. д-р Јован Ананиев.

Проректорот за настава на УГД доц. д-р Кирил Барбареев истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ со денешниот настан му го дава заслуженото значење и внимание на Денот на Европа:

Човек денес е и горд, но може да се каже и тажен, поради тоа што Македонија која можеби е извор на најчистата форма на идејата за Европа која е стара повеќе од три илјади години и која имала најразлични манифестации за нејзина реализација, а која во последните седумдесет години всушност се реализира, заради тоа што веројатно свеста тогаш пораснала, всушност претставува најчистата форма на идејата на Европа, а во најсилна концентрација е зачувана мултикултуралноста, мултирелигиозноста и мултиетничноста. Заради тоа, мислам дека ние како граѓани сме, всушност, и горди заради идејата, но и реализацијата која се реализирала, а ние сѐ уште не сме членки на една заедница за која целокупниот извор потекнува одовде. Универзитетот дава поддршка на одбележувањето на Денот на Европа, ќе бидат присутни студентите и професорите и ќе разговараме за значењето и вредноста на Европа.

Според проф. д-р Страшко Стојановски, промоцијата на изданијата кои ги подготвува Центарот за правно-политички истражувања е од извонредно значење за Центарот и за Универзитетот:

- Ова е прв настан од ваков тип кој го организира Центарот. Знаете дека досега организиравме истражувања, трибини, дебати, но првпат правиме сублимат на нашите активности кои беа интензивни во последните три години. Се работи за три изданија, во кои покрај професори се вклучени и студенти кои се производ на Правниот факултет, а тука се и зборниците од двете научни конференции што ги организиравме. Овој сегмент на издавање е еден од белезите на секој универзитет. Издавачката дејност е сфера во која ние сакаме да делуваме и да даваме придонес кон пошироката, пред сѐ академска средина, но се разбира и во пошироката средина на граѓанството кое би ги консултирало овие дела, исто така би се создале услови за дебата, би се развила таа дебата и ова би бил еден од основните столбови на работата на Универзитетот севкупно.

Последен пат изменето на Понеделник, 09 Мај 2016 16:15
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…