Приказ на предметите според таг: umetnost

Професорот Горанчо Ангелов од Музичката академија при УГД учествуваше на  Музичко-научна манифестација „Струшка музичка есен“, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија.

Генерална тема на 45. конференција, која првпат се одржала во 1975 година, беше Состојби и перспективи во македонската музичка култура. На конференцијата учествуваа истакнати композитори, професори и истражувачи кои се претставија со свои трудови, резултат на нивните истражувања фокусирани на различни сегменти во музичката култура, од традицијата до современата музика во РС Македонија.  Професорот Ангелов се претстави со темата „Фестивалите за изворен фолклор - чувари на старата музичка и игроорна традиција“. Конференцијата се одржа од 17 до 19 септември 2021 год. во Хотел „Дрим“ во Струга. 

Професорот Ангелов учествуваше и на научната конференција „70 години Институт за фолклор и 50 години фолклористичка дејност на Иван Котев“, во организација на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје и Општина Струмица, која се одржа во Хотел „Сириус“ во Струмица, 27-28 август 2021 год.,  со темата „Зурлаџиската традиција во Струмичко во 21 век“.

Ангелов учествуваше на уште една научна конференција насловена „Фолклорот во минатото и денес-2“, која се одржа во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп  на 3 јули 2021 год. Се претстави со темата „Љубен Јуртоски, изработувач на народни музички инструменти од Прилеп“. Оваа научна манифестација се одржа во рамките на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој се одржува во Прилеп и Долнени.

Објавено во Уметност

Златка Митева на флејта и Наташа Трбојевиќ на пијано, и двете професорки на Музичката академија во Штип, минатата недела одржаа два целовечерни концерти во Истанбул (Р Турција) и во Скопје.

Концертот во Истанбул се одржа во новоотворениот Културно-информативен центар во Истанбул. Концертот, на кој беше присутна и висока делегација на Генералниот конзулат на РС Македонија во Истанбул, беше проследен од истанбулската публика со голем интерес и внимание.

На 26 септември 2021 година Наташа Трбојевиќ и Златка Митева се претставија со целовечерен концерт  „Музика за флејта и пијано од македонски композитори", во рамки на „Вечер на лауреати“ на Фестивалот „Денови на македонска музика“, во организација на СОКОМ во Музеј на македонската борба во Скопје. Многубројната публика ја награди нивната изведба со бурен аплауз и со овации.

 

Објавено во Уметност

Филмската академија со Катедрата за танц при УГД годинава ја започна наставата во нови простории во Скопје, а воедно за првпат се активни програмите за втор циклус студии, мастер програми за кореографија и танцова едукација, на англиски јазик.

Катедрата за современ танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ ја почнува наставата во новоотворените простории во Домот на армијата во Скопје.

Просториите се целосно реновирани и по највисоки стандарди опремени за изведување настава за современ танц. Катедрата за современ танц најавува богата програма во која ќе учествуваат студентите, преку соработката со девет европски танцови универзитети и академии, со кои се најавува тесна соработка во следниов период. Со голема возбуда, повторно се планира програмата за фестивалот „Share“ кој се одржува од 2017 година, а во 2018 година се одржа во Скопје и во Штип, кога учествуваа повеќе од сто студенти од девет академии од Австрија, Словенија, Унгарија, Полска, Чешка, Велика Британија, Латвија и С. Македонија.

За првпат во текот на пандемијата оваа програма се обновува и ќе се одржи во Братислава, Чешка. Новата генерација студенти на УГД ќе имаат можност да работат по современа европска програма, да настапуваат и да разменуваат искуства со останати студенти од Европа и пошироко. Својата пракса и понатаму ќе ја имаат во соработка со Скопје танцовиот театар, што ќе им овозможи настапи во земјава и во странство.

Во ноември 2021 г. првпат ќе започнат и програмите за втор циклус студии на Катедрата за современ танц при УГД, мастер програми за кореографија и танцова едукација, на англиски јазик, за кои веќе има голем интерес од земјава и од странство. Во рамките на овие програми ќе се одржува и програма насловена „Креативен центар“ во која студентите од вториот циклус студии, покрај регуларната настава, ќе имаат можност да посетуваат предавања на врвни уметнички имиња од полето на изведбените уметности, визуелните уметности, но и социологија и антропологија од земјава и од странство.

Универзитетот „Гоце Делчев“ и Катедрата за современ танц во целост ќе ги почитуваат протоколите за работа во време на пандемија со ковид-19.

 

Објавено во Уметност

Неодамна се одржа 12. по ред традиционална Туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип,  со поддршка на Oпштина Гевгелија.  

Настанот го отвори проректорот за наука и студенти при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Мишко Џидров, потенцирајќи ја важноста на вакви настани за секторот туризам, но и за афирмација на Факултетот и Универзитетот. 

Деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков, даде осврт на тема Стратегиската улога на гастрономијата во културата и туризмот во услови на ковид-19 и ја нагласи клучната улога на туристичко-гастрономската изложба во поглед на брендирањето на дестинацијата, како и фактот дека гастрономијата сама по себе обезбедува пат за поврзување - со луѓето, со културното наследство и со местата. Почесен гостин на изложбата беше директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски, кој со своето излагање се фокусираше на  темата „Значењето на гастрономијата во туристичката понуда”. 

Најдобрите апликации од реализирани активности поднесени согласно со објавениот Повик од ФТБЛ беа оценувани и претставени во три сегменти преку  презентации и видеозаписи од страна на Комисијата за евалуација на доставените материјали. 

            Имено, во првиот дел доц. д-р Душица Попова ги претстави видеозаписите на најдобро приготвените јадења од страна на студентите и укажа на влијанието на храната во туризмот, додека во вториот дел доц. д-р Цветанка Ристова-Маглоска и проф. д-р Тања Ангелкова-Петкова ги презентираа фотографиите од стари предмети, објекти, етно катче, носии од Гевгелија, подвлекувајќи го значењето на културното наследство.  

Во третиот дел свое обраќање имаа продеканката за настава на Факултетот за туризам и бизнис логистика – доц. д-р Наташа Митева и проф. д-р Марија Магдинчева-Шопова, кои ги претставија најдобрите бизнис идеи за развој на туризмот во Гевгелија и изнесоа свои препораки за значајноста на креирање стратегии за развој на туризмот и влијанието на дигитализацијата и маркетингот, особено во услови на ковид-19.


Објавено во Уметност

Во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија ќе биде отворена изложбата „Проткаени сеќавања“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од дела во мал формат, создадени со примена на различни техники и материјали. Изложбата ќе може да се види до 30 август.

„Современата скулптура не познава граници. Нема материјал или технологија, од основни суровини до видео, што скулптурата нема да ја собере и искористи за свои цели, а нема ни формални параметри, како во случајот со сликањето, рамнината да ја ограничат. Секако, во моментов не постои некаков стил што поставува визуелни или концептуални ограничувања. Единственото нешто што скулптурата не може да го толерира, барем во теоријата, е ограничувањето на две димензии. Ова ја прави скулптурата зона на огромна креативна слобода. Во еден таков контекст на слобода и поле на креативност, македонскиот скулптор Слободан Милошески се решава во овој серијал на скулптури да го истакне значењето на скулптурите од мал формат. Според него, евидентно е дека малиот формат е многу посебна мерка и критериум во достигнувањето на креативните можности на еден автор. Во неговата работа тој користи едноставни геометриски форми и индустриско-импровизирани материјали за создавање дела од различни размери. Неговите скулптури даваат импресија на строгост и рационалност која се потпира врз однапред подготвени постулати и логично артикулирани замисли. Иако авторот користи геометриски цврсти форми во скулптурата, сепак крајниот импакт не е тврд или статичен. Всушност, кога ги гледате неговите скулптури од неколку агли, тие не оддаваат впечаток на совршена поставеност. Покрај нив се добива чувство на вибрирачко движење и тактилност која доаѓа од  нагласените прави линии и мрежи, и тоа во повеќето негови дела. Ваквата „конструкција“ на овие скулптури им дава човечки аспект и духовна страна. Очигледно е дека уметникот ја реализирал неговата основна замисла – делото да биде ҆спроводник за духовни работи҆. Слободан Милошески работи методички низ концентрирана перцепција и манипулација со формата. Најпрво започнува со форми кои се произволни и низ процес на трансцендентална имагинација ја дефинира формата како крајна дестинација. Бојата е секундарна – се користи за истакнување на структурата на формата. Завршниот впечаток се комплетира со диригиран веризам, необична текстура, профилиран материјал и неочекувана трансформација на идеалната форма“ – вели историчарот на уметност проф. д-р Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на Катедрата за скулптура.

Досега има реализирано 24 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 15 награди и признанија, од кои најзначајни се Наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, Наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 год., Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 год. и Наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 год.

Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптури на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен-облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот балкански универзитет во Скопје.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Објавено во Уметност
Страница 2 од 39
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…