Според проф. Ангеловска, лековите и храната можат значително да влијаат меѓусебно – храната може да го промени дејството на лекот и обратно – лекот може да го промени искористувањето на храната во организмот.
Патот на храната низ организмот е сличен со патот на лекот. Негативните ефекти при содејствијата меѓу храната и лековите најчесто се намалување на терапевтскиот ефект или зголемување на штетноста на лекот. Некои лекови можат негативно да влијаат на можноста за искористување на некои хранливи состојки, што доведува до недостаток од истите. Истовремената употреба на некои лекови со храна може да има и позитивно влијание, на пример, може да ги намали несаканите дејства од лекот или да го подобри неговото дејство.
На лекарот и на фармацевтот, главно, им се поставува прашањето кога да се земе лекот - пред или по јадење. Помалку е познато дека при земањето на некои лекови треба да се внимава на изборот на храната, бидејќи тие може да дејствуваат на некои состојки на лекот и да доведат до несакани последици. Терапевтското дејство на лекот може да биде забавено или забрзано во зависност од храната што сме ја земале.
Многу лекови може да го намалат апетитот - нивната долготрајна употреба може да биде причина за неисхранетост. Спротивно на тоа, некои лекови го зголемуваат апетитот ако се земаат подого време, па кај повеќето пациенти се зголемува телесната тежина.
Трудот е објавен во првото издание на списанието „Ваш аптекар“.
Целиот труд може да се прочита на овој линк.