Како што наведува таа, антибиотиците се супстанции кои можат да ги убијат бактериите (бактерицидно дејство) или да го спречат нивниот раст (бактериостатско дејство). Може да бидат од природно потекло, синтетички или полусинтетички добиени. Тие се добар избор за лекување на бактериски инфекции, но немаат дејство на вируси и габички. Антибиотиците се пуштени во употреба во раните 40-ти години на минатиот век. Во почетокот се користени само во болниците за лекување на силни болести кои се опасни за животот на пациентите, како што се туберкулозата, воспаление на белите дробови и менингитис.
Денес најмногу се употребуваат во примарната здравствена заштита, и тоа во најголем дел кога не се потребни или неопходни: за благи инфекции, вирусни инфекции и превентивно. Тоа се состојби при кои воопшто не дејствуваат, а може да нанесат сериозни штети на организмот. Денес е скоро неможно да се најде човек кој никогаш не користел антибиотик. Исто така, се користат при одгледување на животни на фармите, како и во земјоделието и индустријата.
Нивната премногу честа и раширена употреба доведува до негативни последици за луѓето и целото општество, бидејќи доведува до слабеење на имунитетот и развој на отпорни видови на бактерии. Во овој момент, тоа е проблем од глобални (светски) размери во јавното здравство.