Најеминентните претставници на рударството и геологијата во Македонија, но и од други држави, разменија искуства за актуелниот момент во оваа професија, со оглед на предизвиците со кои се соочува во поглед на понатамошниот развој, од една страна, и обврската за заштита на животната средина, од друга страна. Во тој поглед, на Советувањето преовладуваше мислењето дека, всушност, стручните лица од оваа професија се токму тие кои најмногу го потенцираат и наметнуваат прашањето за заштита на животната средина како своја обврска и поле на кое постојано треба да работат, а обвинувањата и сомнежите во јавноста често се резултат на манипулирање со податоци и не соодветствуваат со реалната ситуација.
Десеттиот „Подекс Повекс“ го отвори проректорот за развоj, инвестиции и одржување на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, во својство на претседател на Организацискиот одбор на Советувањето.
- Оваа година се среќаваме, мора да признаеме, во едно малку поинакво светло, во кое, не само кај нас туку и во светски рамки, оваа индустриска гранка од двигател на општествениот развој се презентира во јавноста како архаична и за иднината непотребна индустрија која само загадува. Но, доколку нешто фундаментално не се промени и не се вратиме во камената ера, тоа не може да биде точно, и довопно е да погледнеме околу нас, бидејќи причината за постоењето на рударството не се рударите, туку потребата од минерали во секојдневниот живот. Речиси сѐ околу нас – енергијата, нашите домови, возилата, бројните предмети кои секојдневно се употребуваат, уредите во болниците, продавниците, уредите кои ни овозможуваат здравје, убавина, комфор, безбедност, се направени или потекнуваат од минералите. Секако, за современото општество ќе биде прифатливо само доколку обезбедувањето на овие минерали биде безбедно и за луѓето кои работат во оваа индустрија и за животната средина околу нашите рударски капацитети, а примерите на неетичко искористување на работната сила или неконтролирано загадување се нешто против кое сите треба да се бориме и тоа современата индустрија и во светски рамки и кај нас веќе го прави. Сликата за индустријата полека се менува, на пример Европската комисија потребата од минерали и од одржлива рударска индустрија ја изразува преку посебно внимание преку формирање на посебна иницијатива за суровини, па земјите со ресурси, како Финска, Шведска, Норвешка, Португалија или традиционално рударската Шпанија веќе отвораат нови концесии или се враќаат на претходно запоставените. Од друга страна, земјите кои имаат помалку ресурси, поради нивното искористување, како што се Германија, Франција, имаат формирано посебни институции директно под владите, кои треба заедно со другите држави на европско тло на квалитетен и безбеден начин да обезбедат редовно и одржливо снабдување со минералните ресурси потребни за нивните индустрии. Очигледно на нашите генерации паѓа товарот ние тоа да го овозможиме и во Македонија, која како мала земја исправена пред предизвикот ефикасно и безбедно да ги искористи своите ресурси. Како што кажал еден од последните пет императори во Рим, Марко Аурелиј, ако побараме длабоко во себе сигурно ќе најдеме сила да се промениме. Вакви промени во последните пет години се случуваат и кај нас. Рударството во Македонија останува еден од највиталните делови на општеството, со бројни позитивни примери на објекти кои имаат одлични безбедносни и еколошки перформанси, а ние како фела треба да ги истакнеме и поддржиме во нивната промоција и унапредување и сите заеднички да ја смениме негативната перцепција и да покажеме дека сепак ова е индустрија на иднината -изјави проф. д-р Дејан Мираковски.
Проф. д-р Блажо Боев, ректор на Универзитет „Гоце Делчев“, во своето обраќање потенцираше дека оваа професија има капацитет да одговори на сите предизвици, со тоа што ќе биде подготвена да се менува и да се подобрува, заедно со останатите професии кои можат да помогнат во целокупниот развој на општеството, а во сферата на технолошкиот развој со изнаоѓање и примена на модерни, современи технологии кои ќе го движат човештвото напред, но без големо влијание врз човечкото здравје и живеење.
- Времето во коешто живееме е малку проблематично за нашата професија. Тоа ни се случува не само нам, туку и на другите развиени светски држави и економии. Меѓутоа, проблемот на искористување на ресурсите не е проблем кој во основа би требало да припадне само на оваа професија и ние како дел од професијата треба да сфатиме дека мораме да се промениме, во времето кое доаѓа да не бидеме дел сами за себе, на ваквите наши собири да бидат присутни и другите професии. Ние мораме длабоко во нашите професии да ги вградиме и другите професии кои се дел од брзиот севкупен развој на цивилизацијата. Ние сме темелот на тој развој, но мораме да бидеме свесни дека и некои други тоа го прават заедно со нас. Затоа реков дека предизвикот на развојот на оваа професија во иднината не е така мал и мислам дека нашето знаење што го имаме како професија е доволно да ги изнајдеме вистинските решенија и да се справиме со сите предизвици на времето што доаѓа. Времето што доаѓа не дека не ни оди во прилог, меѓутоа во голем дел од работите, пред сѐ на сметка на она што ние го развивме – ние ја развивме потребата за заштита на животната средина од аспект на индустриските објекти кои постојат во делот на рударството и геологијата. Ние први го направивме тоа, ние први кажавме дека таму треба да се работи. Меѓутоа, тоа не треба да биде проблем во понатамошниот развој на оваа професија – мора да се развиваат модерни, современи технологии кои во основа ќе го движат општеството напред, но без големо влијание врз човечкото здравје и живеење. Јас се надевам дека како професија сме подготвени да го правиме тоа, дека сме подготвени да се менуваме во времето што доаѓа. Како што кажа и професорот Мираковски, ова ќе биде првата професиија која ќе се најде во истражувањето на вселената. Бидете сигурни дека доколку немало потреба од оваа професија, на планетата Земја немало да се формираат толку многу ресурси. Токму постоењето на тие природни ресурси во основа го динамизирало и развојот на оваа цивилизација, на оваа човечка популација која успеала да стигне до овде, а успеа да стигне и до другите планети. Оваа професија многу бргу ќе се најде на другите планети, многу бргу во развојот на наставните програми на голем дел од универзитетите денеска се изучува геологијата на Сончевиот систем, геологијата на Марс, геологијата на Венера и на други карпести планети. Затоа, треба да научиме да се менуваме, да научиме да признаеме што не е добро, она што не го правиме добро да го подобриме и да не бидеме тие што ќе прават застој на развојот на општеството. Јас имам уште една препорака до нашата фела. Многу малку нѐ има во општественото живеење на државата, многу малку афирмирани луѓе имаме во она што значи општествено живеење. Треба да се потрудиме нашите врвни кадри, кои располагаат со многу големо знаење, исклучително добри експерти, да се најдат и во некои од структурите на општественото живеење. Само така ќе го подобриме имиџот на оваа професија која е прекрасна професија, меѓутоа за жал во некои случаи се претставува во некое светло кое не е баш најдобро за на. Има една поговорка која вели „Водата тече, камењата остануваат“ – така што ќе помине ова во делот на зборувања за професијата, таа ќе остане и ќе продолжи да се развива во исклучително добра гранка, бидејќи во себе има големо знаење и традиција, и мислам дека воопшто не треба да стравуваме за она што се случува во нашата професија. Ова е најблагородната професија и бидете горди на она што го работите – истакна ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, во своето обраќање на свеченото отворање на Симпозиумот.
На отворањето се обратија и проф. д-р Зоран Десподов, декан на Факултетот за природни и технички науки при УГД, м-р Горан Серафимов, претседател на ЗРГИМ и Николајчо Николов од Стопанската комора на Македонија и Рудникот за бакар „Бучим“ во Радовиш. Во работниот дел од Советувањето, под модерирање од страна на професори од Факултетот за природни и технички науки при УГД, беа презентирани повеќе научни трудови, во најголем дел поврзани токму со примената на технологии и мерки за заштита на животната средина при работењето во рударството и геологијата.