Канабисот и ракот – кои се досегашните докази?

Институтот за истражување на рак во Велика Британија увидувајќи ја потребата од разјаснување на работите поврзани со ракот и канабисот објавува одговори на прашањата поврзани со ова. Во ситуација на терминална фаза на рак многумина ја користат паниката кај пациентите и се обидуваат да им продаваат различни „лекови“ кои наводно ќе им помогнат да ја излечат болеста. Многумина мислат дека науката не ги истражува лековитите својства на канабисот. Но дали е навистина така? Во последните неколку години се направени илјадници истражувања поврзани токму со лековитоста на канабисот. Што вели науката за ова?

Може ли канабисот да излечи рак?

Нема сомнение дека канабиноидите – природните или синтетичките – се интересни молекули. Стотици научници ширум светот го истражуваат потенцијалот на овие молекули во лекувањето на ракот и други болести. Голем дел од истражувањата одат преку Меѓународното здружение за истражување на канабиноидите (http://icrs.co/).

Јавноста можеби не е запознаена, но првите истражувања за поврзаноста на канабиноидите со ракот почнуваат уште во 70-тите години на минатиот век. Токму на оваа тема, до сега, само во базата на Националниот институт за здравје на САД има преку 1.100 научни трудови кои можат да се најдат на следниов линк http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed?term=cannabinoid%20cancer .

Познатото научно списание „Натур“, исто така, објави цела секција која ги анализира научните трудови токму на оваа проблематика (http://www.nature.com/nature/outlook/cannabis/index.html).

Дел од оние кои продаваат „лекови“ за рак врз база на канабис користат некои од овие истражувања кои не тврдат дека канабисот лекува рак, туку само ги презентираат резултатите од лабораториските испитувања врз канцерогените клетки. Доколку детално се погледнат истражувањата ќе се забележи дека сѐ уште нема силни докази. Ајде да ги разгледаме истражувањата.

Лабораториски истражувања

Голем дел од истражувањата користат клетки на рак и реакцијата на овие клетки на канабиноидите или, пак, користат животни кои се заболени од рак и ги третираат со канабиноиди. Меѓутоа, медицината врз луѓе функционира малку поразлично од експериментите во Петриевата чаша или на глушец.

Во оваа статија на „Натур“ (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/22555283) научниците откриваат дека различни канабиноиди имаат широк спектар на ефекти во лабораторија вклучувајќи:

  1. Поттикнување на смртта на клетките преку процес кој се нарекува апоптаза;
  2. Спречување на клетките да се размножуваат;
  3. Превенција на новите крвни садови да се развијат во тумор;
  4. Намалување на ширењето на клетките со рак;
  5. Забрзување на внатрешниот механизам на клетките за отпад, познат како аутофагија.

Се смета дека сите овие ефекти се предизвикани од канабиноидите кои се закачуваат на CB1 и CB2 канабиноидните рецептори на клетката, иако не е целосно јасно што се случува. Досега сите ефекти кои се предизвикани во лабораторија се со користење на комбинации од прочистен THC (тетрахидроканабинол) и канабидол (https://en.wikipedia.org/wiki/Cannabidiol), но истражувачите имаат воочено реакција и од користење на синтетички молекули кои се наречени JWH-133.

Но, не е сѐ така розово. Сите вести не се убави и затоа научниците се многу внимателни кога изнесуваат став по ова прашање. Иако некои истражувања покажуваат некакви ефекти на канабиноидите врз клетките на рак, некои пак покажуваат повреда на клучни клетки во крвните садови (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/12514108).

Во некои случаи канабинодите можат дури да поттикнат и раст на канцерогените клетки (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/15026328), но и други многу негативни ефекти зависно од употребата (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC2806825/).

Во некои истражувања (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/15749859) се доаѓа до заклучок дури и дека активирајќи ги CB2 рецепторите се оневозможува имуниот систем да ги препознае и уништи канцерогените клетки. Дека не е сѐ така убаво говори и истражување кое доаѓа до заклучок дека канцерогените клетки можат да развијат имунитет на канабиноидите и да продолжат да растат и да се развиваат (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/21233844).

Сепак, има истражувања кои велат дека со комбинација на хемотерапија со терапија со канабиноиди може да се постигне добар ефект (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/21220494).

Многу сајтови на интернет или на социјалните мрежи ги користат овие лабораториски истражувања тврдејќи дека има „лек“ за ракот. Меѓутоа, има драстична разлика меѓу лабораториските испитувања на канцерогените клетки и лекувањето на ракот кај пациентите. Лабораториските истражувања кажуваат едно, но што велат клиничките испитувања?

Клинички истражувања

Направено е истражување (http://www.nature.com/bjc/journal/v95/n2/full/6603236a.html) врз деветмина пациенти кои имаат рак. Истражувањето е направено со третман со канабиноди на пациенти со канцер. Истражувањето е водено од д-р Мануел Гузман и неговиот тим во Шпанија. На деветмина луѓе со напредна фаза на глиобластома (агресивна форма на мозочен тумор) им бил даван чист ТХК (тетрахидроканабинол) преку директно вбризгување во мозокот. Деветтемина луѓе покажале некаква реакција на лекувањето, кај еден пациент немало никаква реакција.

Сите пациенти починале за една година – толкави се и прогнозите за овој тип на рак.

Резултатите од ова истражување покажаа дека давањето на безбедни дози на THC нема значајни негативни ефекти, но во ова истражување нема контролна група и не може да се каже дали давањето на ТХК им го продолжило животот. 

Меѓу научниците има анегдоти за тоа дека написите во весниците не се цврсти докази дека ТХК го продолжува животот или е лек за рак. Научниците се согласни дека се потребни нови и повеќе научни или клинички истражувања на оваа тема за да може да се формира став.

Сѐ уште нема доволно цврсти докази кои покажуваат дека канабинодите се ефикасни во борбата против рак кај луѓето. Како што напомнавме, написите во весниците или сведоштвата на луѓето не се доказ дека канабисот лечи рак. Науката има принцип за докажување на ефикасноста на одреден лек. До сега нема доказ кој е цврст или доволно силен за лекарите да почнат да го препишуваат овој лек.

Останува нејасно и кој тип на канабиноиди се ефикасни, кои се дозите на некои канабоиди што можат да помогнат, а кои се дозите на канабоиди што можат да направат поголеми штети. Има истражувања дека различни канабиоиди имаат различни ефекти (http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/18199524).

Може ли канабисот да превенира или да предизвика рак?

Направивме сосема краток опис за третманот на ракот (оваа проблематика е многу посложена и пообемна), но дали канабисот може да ја превенира болеста?

Има експерименти кои покажуваат дека давањето на чист ТХК го намалува ризикот од појава на рак, но повторно тоа се истражувања вршени единствено на животни. Нема цврсти докази дека кај луѓето го намалува ризикот за појава на рак.

Од друга страна, прашањето дали канабисот предизвикува рак е уште понејасно. Тоа е затоа што многу корисници го пушат канабисот, па низа докази велат дека ова дефинитивно предизвикува рак. Ова е многу комплексно прашање, а дотолку е покомплицирано тоа што оние кои го пушат канабисот го мешаат со тутун кој несомненоно го зголемува ризикот од појава на рак.

„Сте го виделе ли ова видео? Овој човек се излечил од рак!“

Вакви наслови се многу присутни и во македонските и во светските медиуми. Важно е да се знае дека во големиот број видеа што се појавуваат на интернет во кои се тврди дека некои лица се излечиле од рак се крајно дискутабилни.

И покрај тоа што луѓето тврдат дека се излечиле од рак, тоа не може да се смета за научен доказ, бидејќи тоа не е научно проверено. Невообичаените искази бараат невообичаени докази – видео на интернет не е научен доказ.

Гледајќи ги видеата на интернет не можеме со сигурност да потврдиме дека овие луѓе се излечиле од рак со канабис. Не знаеме ништо за нивната дијагноза, за степенот на болеста или за тоа какви лекарства примале. Не знаеме дали примале други третмани против ракот. Не знаеме ниту за хемискиот состав на „лекот“ што го примале. Од друга страна, ги слушаме само успешните приказни – што е со луѓето кои пробале со канабис, а не се излечиле? Ја знаеме ли нивната бројка и нивната приказна?  

Токму затоа е важно истражувањата за ефикасноста да ги прават научниците, а не оние кои ништо не знаат за тоа. Научните истражувања се прават во контролирани услови и можат со сигурност да го потврдат ефектот.

„Сѐ е дел од голема конспирација – намерно не го даваат лекот!“

Ова тврдење често можете да го видите на интернет. Да се потиснува лекот за рак е апсурдно и навредливо за сите научници и лекари. Не само што илјадници лекари, сестри и технички персонал неуморно работат за да им помогнат на пациентите, туку илјадници научници низ целиот свет деноноќно прават истражувања со цел да најдат лек против оваа болест. Да им кажете на сите овие луѓе дека не се трудат доволно или дека намерно не го даваат лекот е навистина навредливо. Лекарите и научниците низ целиот свет дневно спасуваат илјадници животи. 

Целта на сите научници е да се најде лек и тоа е единствено можно преку строга контрола и строго утврден научен метод. Овој пристап помогна во справување со многу болести, но и со ракот, а доказ за тоа е што во последните 40 години процентот на преживување кај пациенти болни од рак се зголеми двојно (http://scienceblog.cancerresearchuk.org/2012/06/03/celebrating-60-years-of-progress/). Прогресот во лекувањето на ракот е евидентен.

Тврдењата дека има многу алтернативни терапии за рак, сепак, имаат потреба од цврсти научни докази за да бидат потврдени. Често се случува да се докаже дека овие „чудотворни лекови“ немаат никаков ефект, па дури и да имаат спротивен ефект. Ова не значи дека докторите го кријат „лекот за рак“, туку значи дека за нешто да се нарече лек се потребни цврсти докази и нешто повеќе од видео на Јутјуб.

Последен пат изменето на Среда, 28 Октомври 2015 09:56
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…