Кина на почетокот од оваа година сериозно се зафати со инвестирање и донесување на сите потребни политички и институционални одлуки за оваа работа што побргу да влезе во сила. Кина и претходно имаше намера да се посвети на ГМ технологијата, но често беше на критика на јавноста, поради тоа што јавноста често не е доволно информирана, а многу често има и дезинформации во врска со ГМО.
Во документот кој го донесе Кинеската влада се вели дека кинеските научници мора да работат на тоа да имаат цврсти докази дека храната е безбедна, но исто така и дека е потребно да се убеди скептичната јавност за бенефитите што ги носи оваа храна.
„Оваа обврска што им е дадена на кинеските истражувачи е значаен чекор напред“вели во својата колумна научникот Кијанг Ванг – професор на Институтот за екологија и географија при Кинеската академија на науките
Кина не смее да дозволи да го сврти грбот на ГМ храната. Доколку сака да биде самоодржлива, Кина мора да одгледува храна за една петина од светската популација, а ова да го прави со само 6% достап до чиста вода и 7% обработлива земја која е на тло на Кина. Во изминатиот период Кина успеа да го дуплира своето производство на храна, па од 1978 година до 2013 година производството на храна е двојно. Но по која цена? Зголемувањето на производството ја зголеми употребата на пестициди кои ја загадуваат водата и земјата. И покрај мислењето на јавноста дека Кина е голема фабрика и загадува, според извештаите, не индустријата, туку земјоделието е најголемиот извор на загадување во оваа земја.
Генетскиот инженеринг и оваа технологија има можност да се произведе повеќе храна со помалку загадување. Без ова Кина ќе стане крајно зависна од увозот на храна за да може да го прехрани своето население. Кина минатата година увезе 90 милиони тони жито, што е рекордно до сега.
Кинеските власти го препознаа повикот за итна употреба на ГМ технологијата и нејзина поголема примена, но предизвикот со кој се соочија е јавното мислење. Официјалните претставувања на оваа политика мораа да поминат кај јавноста и со друг термин, за да бидат прифатени. Кинеските власти наместо ГМО користеа „молекуларно одгледување“. Иако можеби од дистанца се смета дека кинеското јавно мислење не се зема многу предвид, но благодарение на острите ставови во јавноста Кина стана една од земјите со најмало производство на ГМО храна. Според последните анализи, Бразил и Индија имаат поголеми количини на ГМО храна од Кина. Финансирањето, благодарение на јавноста, исто така беше скратено. Ова не беше случај во 1990 година.
Дека јавноста е крајно неедуцирана во ова поле покажува и тоа што граѓаните беа задоволни со тоа што кинеските власти помалку инвестираат во ГМО иако голем дел од храната која ја увезува (пченка, соја, памук и др.) е ГМО.
Кинеските научници се согласни дека е потребна поголема употреба на ГМО храна во Кина и дека негативните ефекти од ГМО храната не се ни од далеку такви какви што јавноста смета. За да објаснат дека ГМО храната е добра за кинеските граѓани, за кинеската економија, но и за кинеската почва, па во крајна линија и за планетата, научниците одат на социјалните мрежи и комуницираат со јавноста. Популарните социјални мрежи како WeChat (кој има околу 400 милиони корисници во Кина) и Weibo (кинеската верзија на Твитер) сега се со профили од научници кои сакаат на јавноста да ѝ ја објаснат научната вистина, а тоа е дека ГМО храната е подеднакво безбедна како и останатата.