(Видео) Зошто повеќе се разболуваме во текот на зимата?

Секоја зима речиси секаде каде што има големи температурни промени има голем раст на респираторните инфекции. Овој вид на болести популарно се објаснуваат како „настинки“ или потешките варијанти како „грип“. И двата типа на болести се последица на различни вируси.

Тешко е да се направи јасна разлика од „грип“ до „настинка“, па луѓето обично се лекуваат и мируваат додека не им помине. Вистинскиот „грип“ е многу поредок, но со многу поизразити симптоми. Светската статистика вели дека во САД и во Европа околу 10% од популацијата заболуваат од грип секоја година. Овој процент може да порасне на 25% до 30% во време на епидемија.  

Во текот на зимата често се јавуваат поголем број луѓе заболени од грип кој трае две до три недели. Грипот доаѓа бргу и заминува бргу кај популација. Проблемот со грипот е што се пренесува многу лесно, но сепак има многу неодговорени прашања за неговото ширење.   Вообичаената патека на грипот е преку децата, па на возрасните и така натаму. Најпрвин децата заболуваат во школите и во градинките, па го носат вирусот дома и оди во нивните родители и роднини кои, пак, понатаму го пренесуваат на нивните колеги и пријатели. Лекувањето во домашни услови на овој тип на болест е многу често и најчесто поради тоа настануваат сериозни компликации од грип, па дури и смртни случаи.

Овој вид на пренос на вирусот е јасен, но има низа прашања кои во овој тек на вирусот не ни се јасни. Не е јасно како вирусот во прво време доаѓа во контакт со децата. Секако дека децата имаат помал имунитет на овој вид на вирус и се постојано во придружба на многу други деца, потенцијални носители на вируси, но тоа не објаснува како во прво време доаѓа до нив. Друг проблем е што во текот на зимата кога се јавува епидемија на грип се случува појава на вирусот на предели кои се далеку со километри еден од друг и каде што луѓето немаат меѓусебен контакт.

Едно објаснување за ова е дека вирусот е латентен и асимптоматски (немаат симптоми на болеста) кај некои луѓе и тие само го пренесуваат. Сепак, до сега не е откриена латентна верзија на овој вирус. Друга теорија, не многу различна од оваа, е дека вирусите ги има во текот на целата година, но „чекаат“ погодни временски услови и други параметри за да излезат со симптоми кај населението.

Причината зошто грипот го има повеќе во текот на зимата сѐ уште не  е целосно јасна. Грипот се пренесува преку капки (аеросоли) кои ги исфрлаат луѓето, а кои во себе носат вирус. „Вистинската“ количина на овие аеросоли предизвикува заболување од грип. Ситуации кога луѓето се во гужви заедно, кога помалку проветруваат дома, кога времето е влажно предизвикуваат побрзо и полесно ширење на вирусот во текот на зимата. Интересно е што во екваторијалните земји најголемиот процент на заболени од груп има во текот на монсуните и дождовните сезони. Ова е уште еден показател дека влажното време и гужвите се погодни за размножување на овој вирус.

Сѐ додека не дознаеме многу повеќе грипот ќе биде непредвидлива опасност за популацијата ширум светот. Светската здравствена организација и Центарот за контрола на болестите и превенцијата имаат многу центри низ светот за да ги следат промените на грипот. Ваквите организации секогаш се трудат да ги забележат и најмалите промени на вирусите за да можат подобро да ги третираат. СЗО има лаборатории низ целиот свет токму за оваа намена, да се спречи појавата на нови видови на грип кои би ја изненадиле светската јавност.

Проф. д-р Вело Марковски од Универзитет „Гоце Делчев“ има издадено книга токму за оваа проблематика. Во продолжение проследете го разговорот со него на оваа тема.

Последен пат изменето на Среда, 18 Ноември 2015 16:08
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…