Од почетокот на 90-тите години излегоа низа книги кои го користеа терминот „супер-храна“ и кои се продаваа добро. Првата книга излезе како книга за готвење која се викаше „Супер-храна“, а беше напишана од човек кој се занимаваше со алтернативна медицина Михаил Ван Стратен. Овој термин бргу го усвоија многу луѓе, затоа што терминот „продаваше“ добро. Ако подобро се погледне во неговата книга тој имаше ставено четири вида храна карактеризирана како супер-храна – обично овошје и зеленчук, интегрални житарки и зрнести плодови. Зарем ова не се нарекува едноставно „храна“? Сепак, овој термин сѐ уште се користи за да се опишат некакви „магични“ својства на обичната храна. Ова „близу магично“ својство на некои обични видови на храна се засили со теоријата за антиоксиданси, која е научна, но далеку од она што се претставува. Делумното разбирање на научните теории им оди во прилог на продавачите на храна кои користат различни термини за да продаваат егзотично јужно овошје, кафе зрна, непознати семиња, па дури и различни видови на шеќери. Сите овие храни ветуваат антиоксиданси во изобилство.
Интересно е тоа што супер-храната полна со антиоксиданси почна толку добро да се продава што практично почна да се става на сите етикети. Антиоксиданитете се продаваат како храна против стареење, антиоксидансите успешно се борат со слободните радикали кои нѐ прават стари и болни.
„Се мислам колку многу антиоксиданси јадеме секој ден. Интересно е што во речиси сѐ што јадеме има антиоксиданси. Тешко е да се најде храна која нема антиоксиданси. Се прашав можно ли е просечен човек во развиена земја да има недостаток на антиоксиданси“.вели Едгар Милер кој работел на истражување поврзано со супер-храната
Дали просечен човек во Европа и во САД може да јаде храна која нема доволно антиоксиданси? Еден труд во списанието „Хроника по интерна медицина“ вели дека не може.
„Додека оние кои продаваат додатоци во исхраната велат дека имаме недостаток на нутритиенти, во суштина ние имаме доволно од сѐ, и генерално имаме премногу. Нашата исхрана е сосема адекватна“,вели Едгар Милер, научникот кој е лидер на ова истражување и воедно научник во Институтот за медицина „Џонс Хопкисн“.
Исто така, приказната за слободните радикали, антиоксидансите и здравјето не е токму таква. „Идејата за антиоксидансите во последните десетина години се менува“, вели Вилемина Каит, канадски истражувач кој работи на хемиските својства.
Вилемина го работи ова целиот свој живот и веројатно знае многу повеќе за состојките на боровинката (кралот на „супер-храната“) од кој било друг.
„Првично се мислеше дека антиоксидансите ја зголемуваат способноста телото да се бори со слободните радикали, но многу е веројатно дека телото го прави тоа добро и без наша особена помош. Во суштина антиоксидансите и не се апсорбираат во нашето тело најдобро“. вели Вилемина
Делумно вината за лошата интерпретација на антиоксидансите ја имаат и некои трудови кои велат „може да помогне“ „би помогнало“ и така натаму. Користејќи го овој вид на јазик нејасно е дали со сигурност помагаат, но маркетинг агенциите си го земаат здраво за готово.
Сепак, не е добро и да се каже дека овие антиоксиданси не се добри за вас. Напротив тие играат клучна улога во нашето тело, но претерано е да се каже дека имаат супер-својства или дека храната со антиоксиданси, минерали и витамини е супер-храна. Во 2007 година Европската унија ја забрани употребата на зборот супер-храна во рекламирањето на продуктите без кредибилен научен доказ.
Од друга страна, институциите кои се занимаваат со истражувања на сериозни болести велат дека навистина треба да се внимава кога се тврди дека некоја храна лечи некоја болест.
„Секако дека е вистина дека здрава исхрана ќе ни помогне да имаме поздрав живот и ќе се намали ризикот за рак, но малку е веројатно дека некоја конкретна единична храна ќе направи голема разлика“,велат од Центарот за истражување на рак во Британија.
Јасно е дека алкохолот, дебелината и во одредена мера процесираното месо го зголемуваат ризикот од рак (не значи дека со сигурност ќе се развие рак), додека храната богата со диететските влакна во одредена мера го намалува ризикот од рак (воопшто не значи дека со сигурност нема да се развие рак).
Секако дека е добро да се има знаење за нутритиентите во храната, особено за бремените жени и вегетаријанците и веганите. Клучниот совет кој ви е потребен останува ист: јадете разновидна храна со многу овошје и зеленчук.
Извор : http://www.theguardian.com/