Психолозите направија истражување во кое беа набљудувани 28 коњи и нивните реакции на позитивни наспроти негативни човечки емотивни изрази. Кога гледале во фотографии со налутени човечки изрази, коњите гледале повеќе со левото око, однесување кое кај нив се поврзува со восприемањето на негативна стимулација. Покрај ова, нивниот срцев пулс бил забрзан и демонстрирале стрес. Оваа студија е објавена денес (10 февруари) во списанието Biology Letters и е нешто сосема ново во полето на истражување на реакциите на животните во однос на луѓето.
Ејми Смит, докторанд на Универзитетот во Сусекс, воедно и раководител на истражувањето, вели: „Интересно е да се забележи дека коњите имаат силна реакција на негативните изрази кај луѓето повеќе отколку кај позитивните. Ова би можело да се должи на тоа што животните имаат изразено чувство за опасност во средината, па налутениот израз го перципираат како опасност или закана“.
Ваква тенденција на гледање на негативните емотивни изрази само со левото око е забележано и кај кучињата.
Професорот Карен Меккомб, коавтор на истражувањето, вели: „Можни се повеќе објаснувања за ова откритие. Веројатно е дека коњите имаат наследено способност за препознавање на емоциите кај другите коњи, од нивните предци, така што со текот на еволуцијата оваа способност ја пренеле и во препознавањето на емоции кај луѓето. Интересно е што тие можат да направат прецизна евалуација на негативните емотивни изрази кај луѓето и покрај целосно различната морфологија на лицата на другите животни и луѓето“.
Истражувањето кое започнало во април 2014 година и завршило во февруари 2015 година било направено така што коњите биле собрани заедно и им биле прикажувани фотографии од два непознати човечки лика. Експерименталните тестови биле направени без претходен тренинг, а за време на прикажувањето на фотографиите на коњите не им била извршена никаква интервенција или помош којашто ќе влијае врз нивната реакција.
Извор: www.sciencedaily.com.