Интервју со ректорот на УГД: Не треба да имаме ниту малку сомнеж во квалитетот на нашите студенти

Интервју со ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев за веб-сајтот www.fakulteti.mk

Со настава која се одвива според светски стандарди и многубројни соработки со институции од земјава и од странство, Универзитетот „Гоце Делчев“ е признаен како еден од најдобрите државни универзитети во Македонија. Ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев издвои време да разговара со нас за идните проекти, планови и цели на Универзитетот, како и за достигнувањата на Универзитетот досега.

Кои се Вашите планови и визии за натамошен развој и унапредување на наставните програми и образовниот процес на Универзитетот?

Плановите и визиите за развојот на УГД - Штип во периодот што следува се дефинирани со два главни приоритети и тоа: да ја развие позицијата на Универзитетот како глобален форум за интелектуално ангажирање преку проактивната комуникација на идеи генерирани на УГД и отвореноста кон нови идеи генерирани на кое било друго место.

Голем Универзитет не само што го пренесува образованието создадено во неговата заедница, туку е исто така отворен кон идеи генерирани на кое било друго место. Ќе ја задржиме слободата на поединецот и на истражувачките групи да изберат што ќе истражуваат, но и јасно ќе ставиме до знаење каде и како да се приспособат кон истражувачките политики на УГД. Ќе бараме развој на надворешната соработка, забележувајќи дека тоа може да биде најефективно во оние области каде што истражувањето и предавањето се комплементарни, во исто време поддржувајќи ја поврзаноста помеѓу истражувачките групи на ниво на индивидуални проекти.

Засиленото онлајн присуство ќе биде дел од оваа програма. Дигиталната технологија го унапредува начинот на кој знаењето се креира, собира и пренесува ширум светот. Позицијата на Универзитетот ќе биде таква да може брзо и ефективно да се вклучи во дигиталните иницијативи генерирани од нашиот персонал, студенти, поранешни студенти и оние надвор од Универзитетот.

Ќе создадеме силно и кохерентно онлајн присуство за да ги упатиме оние кои бараат знаење од која било област на академското проучување на релевантната работа спроведена на УГД. Ќе започнеме да ги развиваме глобално достапните наставни ресурси за нашата академска заедница, за студентите на далечина и за студентите на доживотно учење.

Ќе овозможиме поврзување на УГД во мрежите на библиотеки и музеи на други универзитети како единствена можност за учење и вклучување во ресурсите. Ќе иницираме формирање музејски колекции за наследство на идните генерации. Пристапот до универзитетските колекции ќе биде надграден со прагматична дигитализација, притоа иницирајќи ја улогата на УГД во чувањето и споделувањето на податоци за човековото постоење и културните достигнувања.

Ќе го овозможиме „УГД отворен пристап”, ќе ја отвориме „УГД истражувачка архива“ како постојана и сигурна архива на истражувачки и наставни материјали создадени од членови на Универзитетот.

Со дозвола за авторски права овие материјали ќе бидат слободно достапни во Е-библиотеката и Е-репозиториумот.

УГД покрај национален мора да стане и интернационален извор на образование. Мешавината на домашни и меѓународни студенти на додипломско и постдипломско ниво ја збогатува академската средина и најдобро ѝ служи на визијата на Универзитетот во мрежа со глобалното интелектуално ангажирање. Ќе развиеме можности персоналот и студентите да се стекнат со интернационално искуство додека работат или студираат на УГД.

Да се изгради на УГД мултидисциплинарноста како силна страна и да се овозможи соработка во нови области и области во развој.

Многу денешни истражувачки прашања се далеку од традиционалните граници на истражувањата. Примери за ова се биомедицина, филозофија на умот, енергија, животна средина, информации и прашања поврзани со нашето потекло. Јаки фундаментални дисциплини треба да бидат комбинирани со механизми за промовирање на соработката. Ќе се надградуваме врз нашите сегашни интередисциплинарни јаки страни за да се поттикне интелектуалната збогатеност.

Можностите за големи откритија многу често се наоѓаат во меѓупросторот на традиционално различни области. Ќе овозможиме можности за истражување во новите области кои се помеѓу традиционалните карактеристични предмети со промовирање на активности надвор од границите на одделот и поделеноста.

УГД мора да стане пионер во мултидисциплинарните научни истражувања. Универзитетот мора да стане природно место за студирање за оние кои сакаат да учат надвор од границите на предметот. Новите тематски истражувачки соработки ќе водат до нови можности за додипломските и постдипломските студенти. Ќе развиеме политика на поддршка на интередисциплинарни студии онаму каде што ќе се појави таков случај.

Ќе ги споделуваме нашите ресурси на корисен начин за развој на интердисциплинарноста преку спојување на интелектуалци кои имаат заеднички интереси. Ќе ги истражуваме можностите за здружени сили со институции и организации на интернационално ниво, каде што таквата соработка ќе доведе до поголемо вклучување на УГД во прашања кои имаат национално и глобално значење кои бараат широк размер и интередисциплинарна соработка.

Понатаму ќе ги развиваме механизмите на академско кластерирање во селектирани области, посебно во делот на докторските студии.

Наставата на УГД се одвива по највисоки светски стандарди. Кои се главните предности на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, што е тоа што го разликува од останатите во Македонија и пошироко?

Ние сме посветени на обезбедувањето професионален развој и обука на највисоко ниво преку дипломски, магистерски и докторски студии, како и други програми во одредени области и за клучни професии. Исто така, експлицитно ќе ги идентификуваме професионалните и вештините за вработување содржани во нашите образовни програми, ќе развиваме понатамошни можности за финансирање на стажирање и ќе ги поттикнуваме студентите пошироко да се вклучат во заедницата додека се на УГД. Ние веруваме дека големината на студентската популација треба да биде одредена од капацитетот на Универзитетот да обезбеди висококвалитетно образование за сите студенти. Универзитетот ќе ја задржи својата тековна политика на одредување на бројот на студенти според квалитетот на апликантите и своите можности за обезбедување на одлични можности за нив. 

Колку дипломирани, магистри и доктори на науки се произлезени од факултетите на Универзитетот до сега?

Вкупната бројка на завршени студенти, заклучно до 2015 година, од факултетите на Универзитетот е 6.357, од кои 5.864 на прв циклус студии, 477 на втор циклус и 16 на трет циклус студии.

Каква е соработката на УГД со другите високообразовни институции во земјава и во странство и во што се состои таа?

Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип има исклучителна соработка со сите државни универзитети во Република Македонија и со универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во делот на едукацијата и истражувањата. Исто така, УГД-Штип има развиено голема меѓународна соработка со универзитети од Европа, Америка, Русија, Кина. Индија и таа соработка во најголем број случаи се однесува на конкретна проектна научна соработка на фундаментални и применети истражувања. 

Колку е македонското образование конкурентно со европското?

Слободно можам да кажам дека македонското високо образование е конкурентно со европското образование во секој поглед, тоа е хармонизирано низ Болоњскиот процес и Европскиот кредит-трансфер систем. Нашите студенти се доволно компетенти да работат во која било земја во Европската унија и имаат доволно знаење да конкурираат на кои било работни позиции. Не треба да имаме ниту малку сомнеж во квалитетот на нашите студенти.

Каква е соработката на Универзитетот со стопанството, во што се состои таа?

Со еден збор задоволителна ако се има предвид времето на постоење на УГД-Штип. Соработката со стопанството во најголем дел се одвива преку реализација на проекти кои се договараат со заинтересираните стопански субјекти на решавање на конкретни проблеми во компаниите.

Студентите на УГД ќе имаат можност за пракса во француски претпријатија?

Ова е една иницијатива која произлезе од средбата со амбасадорката на Република Франција во Република Македонија. Ние како Универзитет сме подготвени во интерес на студентите да влеземе во реализација на оваа исклучително значајна активност за изведување на практична работа на нашите студенти во компаниите во Република Франција, како и во француските компании во Република Македонија.

Спроведовте истражување за најпосакувана професија. Кои се резултатите, какви се интересите и желбите на младите за нивната идна професија?

Точно, во почетокот на декември започна ова истражување чијашто цел е да покаже какви се интересите и желбите на младите за нивната идна професија. Анкетата е наменета за матуранти, но и оние кои планираат да го продолжат своето образование со запишување на прв циклус студии. Истражувањето се врши преку анкетни прашалници кои се дистрибуираат директно низ средните училишта во Македонија, како и преку електронски прашалник поставен на веб-порталот http://life.ugd.edu.mk. Со прецизни бројки сѐ уште не оперираме, затоа што анкетата е во тек и бројките постојано се менуваат. Можеме само да кажеме дека повторно како најинтересни идни професии се издвојуваат медицинските науки, економските и правните науки и наставните програми за идни наставници.

Каков е интересот на дипломираните студенти за постдипломски студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип?

Од година во година се намалува интересот за запишување на вториот циклус  студии –постдипломски студии, тоа е состојба во севкупниот сегмент на високото образование во Република Македонија. Проблемот се наоѓа во неприспособеноста на квалификационата рамка со она што го произведуваат универзитетите.

Која е Вашата порака до младите во Македонија?

Да бидат шампиони во тоа што го студираат, во тоа што го работат, да бидат најдобри, да бидат вистински лидери на своето време.

Последен пат изменето на Среда, 09 Март 2016 11:45
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…